Четиричасовното интервју на Оливер Стоун со рускиот претседател Владимир Путин не е лекција од новинарството. Стоун е невешт и во текот на интервјуто не успева да извлече од Путин ништо што светот претходно не го слушнал од него.
И гледањето на интервјуто чисто од забава е невозможно бидејќи сите четири дела содржат доста досадни разговори.
Сепак, интервјуто со Путин треба да се погледне поради погледот на еден одреден вид однос. Многу луѓе го бараа објаснувањето на фасцинацијата на Трамп со Путин. Како на еден моќен, богат Американец му се допаѓа еден тиранин, еден корумпиран лидер на непријателската сила? Интервјуто на Стоун со Путин содржи психолошки и интелектуален одговор. Се чини дека Стоун го има истиот восхит кон Путин како и Трамп, а во интервјуто покажува и на што се темели овој восхит.
Услов број 1: Незнаење. Изгледа дека Стоун ги знае само површните работи за Путин и руската историја. Затоа може некритички слуша додека Путин лаже. Во втората епизода, додека одговара на прашањето за состојбата на демократијата во Русија, Путин тврди дека во Русија постојат „стотина телевизиски компании“ кои државата не би можела да ги контролира дури и да се обиде. Ова е невистина, но поминува незабележано.
Во третата епизода, Путин раскажува долга приказна за пресвртите на потеклото на војната во Украина, која кулминира со тврдењето дека војната започнала откако украинските специјални единици ги киднапирале Русите од источниот дел на Украина. Стоун ги прифаќа овие тврдења.
Услов број 2: Љубовта кон моќта и големината. Втората епизода е приказна за додворувањето на неколку начини. Путин му ги покажува на Стоун своите штали со коњи. Тогаш двајцата заедно гледаат филм. Потоа Стоун гледа како Путин игра хокеј и ги фали неговите спортски вештини.
Потоа Стоун ги споменува правата на ЛГБТ-заедницата и Путин вели дека не би се туширал со хомосексуалец затоа што не би сакал тој маж да падне во искушение, и поради тоа што е мајстор во џудо.
Со други зборови, ако хомосексуалец смета дека Путин е неодолив, Путин би го претепал. И на Стоун и на Путин сето ова им е премногу забавно.
Во третата епизода, Путин на Стоун му ја покажува својата куќа во Сочи. Стоун е воодушевен.
Одат во Кремљ. „Ова е доста големо место. Можете да ми покажете наоколу?“, воодушевено прашува Стоун.
Путин го носи во канцеларијата во која на екранот се прикажува фамозниот говор на Путин од 2007 година во кој се откажува од НАТО и од Западот. На другиот се гледа како рускиот претседател го држи портретот на својот татко додека бил млад морнар во Крим. На крајот од епизодата, Стоун на Путин му го рецитира говорот на претседателот за анексијата на Крим. Путин очигледно е задоволен од тоа што го слуша.
Услов број 3: Заеднички предрасуди. И Стоун и Путин се ужаснуваат од муслиманите. Во првата епизода, Стоун му вели на Путин дека Вилијам Кејси, кој во 80-тите ја водел ЦИА, имал проект да ги протера муслиманите на Кавказ, Централна Азија. (Стоун очигледно не е свесен дека Кавказ и Централна Азија се две различни места, оддалечени стотина километри).
Во втората епизода Стоун е сочувствителен: „Претходно споменавте дека белото руско население исчезнува“, очигледно верувајќи дека Русија е во опасност. Но Путин има добри вести: „За среќа, ја свртивме ситуацијата. За три години успеавме да го зголемиме природниот пораст“.
Услов број 4: Неспособност или неподготвеност да се издвојат фактите од фикцијата. Се чини дека Стоун низ серијалот разговори со Путин поставува однапред подготвени прашања кои веројатно ги напишал персоналот на рускиот претседател. Ова е вообичаено и се случува и на годишната прес-конференција на рускиот претседател со новинарите.
На пример, во првата епизода Стоун го прашува Путин за обидите за атентат врз него. Како што истакнува Стоун, имало повеќе заговори против Путин отколку против Фидел Кастро.
„Официјално има пет за кои знам јас“, вели самоуверено. Ова е извонредно бидејќи новинарите што го следеле Путин не слушнале за ниту еден.
Услов број 5: Морална неутралност. За некој да поседува незнаење, расистички предрасуди, љубов кон моќта и целосно игнорирање на фактите, мора да живее во свет во кој сè може да значи ништо и ништо не е сигурно.
Ова најдобро го илустрира цитатот од четвртата епизода: „Сталин бил производ на своето време“, вели Путин. „Можете да го демонизирате колку што сакате или, од друга страна, да зборувате за неговиот придонес во победата над нацизмот. Но прекумерната демонизација на Сталин е само уште еден начин да се нападнат Советскиот Сојуз и Русија, да се укаже дека денешна Русија носи белег на сталинизмот. Сите имаат некаков белег, па што?“
Па што ако Русија го идолизира човекот кој убил милион граѓани на Советскиот Сојуз и затворил десет милиони во концентрациони логори? Очигледно, ништо.
Секако,
Оливер Стоун не е Доналд Трамп. Но со него дели одреден начин на кој го гледа светот во кој живее - и од него прави спектакл.
Пишува Маша Гесен, авторка на книгата „The Man Without a Face: The Unlikely Rise of Vladimir Putin“.