За голем дел од јавноста е познат по улогите во „Солза и смеа“. За некои е познат како музички режисер, дизајнер и фотограф. Денес, Дади е дел од информатичката технологија како дизајнер. Сепак, вели дека клиентите секогаш го препознаваат како визуелен дизајнер, а да се биде сѐ, секако дека не може.
Секогаш е чудно и
истовремено предизвик да се почне интервју со соговорник кој зад своето
име и презиме има многу звања. Ти си актер, музички режисер, дизајнер, илустратор, фотограф, сега и
дизајнер во информатичката технологија, па дури и уметнички активист и
бунтовник. Како се успева да се биде сѐ или, пак, да се премине од една област во друга? Што најконкретно те опишува?
- Tешко е да објаснам што работам за секој
да може веднаш да ме разбере. За поедноставно, моментално работам на
мојата професија како мултимедијален дизајнер во информатичката
технологија.
Не би рекол дека некогаш преминував од еден во друг…
едноставно растев, во секоја смисла на зборот. Mе интересираше сѐ што
можев сам да креирам, имав сѐ повеќе апетити, по природа сум самоук
и така, од хоби работите прераснуваа во професионални ангажмани. За
среќа, живееме во интернет-доба која може да биде предобра алатка ако
знаеме како да ја искористиме. Не би можел сам да кажам што би ме
опишало најмногу, но интересно е што има публика која ме познава преку
театарот и ТВ-скечевите, додека една друга која имав среќа да ја
запознаам покрај македонската поп-естрада, која ме познава како музички
режисер. Клиентите, пак, секогаш ме препознаваат како визуелен
дизајнер. Да се биде сѐ, секако дека не може. Но можам да ги земам
предвид сите искуства истовремено и да дојдам до поесенцијална идеја
без разлика како ќе се изразувам и преку кој медиум, затоа и велам дека
сум мултимедијален дизајнер.
Фотографијата е хоби или
заработка? Кога ги гледам фотографиите што ги имаш работено, може лесно
да се видат многу познати ликови од македонската музичка поп-естрада,
спортисти, но исто така гледам и прекрасни свадбени портрети.
- Се
сеќавам кога бев средно-графичко, паралелно учев сликарство во ателјето
на Ристо Димовски и тој ми покажуваше стари фотографии што ги правел во
минатото и бев фасциниран, особено од традиционалната
фотографија на филм. Љубопитно се навлеков на уметничката фотографија и
сакав да испробам апсолутно сѐ. Следните неколку години целосно се
фокусирав на учење и експериментирање, но не е доволно да имате само
апарат и филм. Може да го задоволите само вашето хоби, што е
доволно само за почеток. Свадбената фотографија на некој начин беше
мојот единствен излез во тие моменти за да заработам пари за модерна и
професионална опрема... а и мислев дека ќе остане на тоа. Но, од
година на година, секоја свадба си носеше свои предизвици, нови луѓе,
нови традиции, нови места и над сѐ, нови вкусови. Тоа и почна да ме
мотивира, па ја сменив перцепцијата на
свадбената фотографија во целост, а пред сѐ начинот на кој се
изразувам. Како уметнички фотограф не спаѓав во стандардниот модел на
работа, па така подоцна поради истото ја напуштив работата и почнав да
работам како самостоен уметнички свадбен фотограф. Интересен е моментот
што по неколку месеци се појавија Даниел и Ирена од „Памперс“, и покрај
нашата соработка за нивната свадба, тие ми понудија да им бидам директор
на фотографија за нивниот иден видеоспот. Тоа за мене значеше дека ќе
треба да заборавам на името што го градев со свадбената фотографија,
што беше голем ризик. Но, не се плашев од тоа, сакав
нов предизвик... па последователно, со секој артист што сум
соработувал, речиси со сите направив и фотосесија, дали за магазин,
насловна, албум или промотивен материјал. Јас би рекол и хоби и
заработка, но за секој голем чекор мора да има и жртва.
Беше
дел и од приватниот театар „Солза и смеа“ каде што одигра повеќе познати
улоги и претстави, како „Женски оркестар“, „Солунски патрдии“, „Одам на лов“, а и во последните авторски театарски пародии „Златна бубашваба
на популарноста“, чија идеја доживеа популарност и во ТВ-скечевите. Што
во суштина значи за тебе театарот, која улога би била твој најголем
предизвик и какво е искуството да се работи со млади креативци, полни со
уметнички и хумористичен креативен порив?
Претставата „Солунски патрдии“
- Мојот дедо
Владимир Гравче беше извонреден театарски режисер кој животот го посвети
на театарот, ликот и делото. Битолскиот театар ќе го памети како голем
режисер, актер, но и како учител на многу идни генерации што следувале
потоа, генерации кои ќе остават печат во модерниот Македонски театар,
како Митко Апостоловски, Пепи Пивцето (Петар Мирчевски), Благој
Чоревски, Јордан Плевнеш итн. Го носам неговото име, но за жал, никогаш
не го запознав. Сепак, колку повеќе навлегував во театарот, толку повеќе
го запознавав преку истите тие генерации. Јас лично имав огромна љубов кон театарот, особено кон комедијата... и во средношколските
години се пријавив на аудиција во приватниот театар „Солза и смеа“ и
добив споредна улога во театарската претстава „Патенталија и Тантелина“.
Александар Саше Димитровски беше мојот учител и режисер, а театарот,
мојот втор дом. Хуморот беше на прво место и покрај тоа што
секоја наредна претстава посакувавме нешто сериозно. Саше секогаш наоѓаше текст и веднаш ќе нѐ премислеше насловот, а не пак текстот.
Сепак, комедијата во театарот е една од потешките дисциплини и бара
многу работа. Секоја улога има свој предизвик и носи своја тежина, но
лично за мене, улогата на Аџи Јанкула од „Солунски патрдии“ и ликот на
Трајче од „Женски оркестар“ ќе останат најпредизвикувачки.
Ослободени од конвенционалните начини на работа, се создаде театарското
шоу „Златна бубашваба на популарноста“. Авторска претстава од
национално-социјален и општествен карактер, измешан со многу сатира и
комедија, што уште од сам старт доживеа огромна популарност, многу
продолженија, подоцна и многу патувања околу светот. Еден од моите
најубави моменти. Секогаш ќе се враќам во театарот. Веројатно таму
научив за дисциплината, посветеноста и ценењето на напорната работа.
Доби
награда за најпопуларен видеозапис за 2013 на „Златна бубамара на популарноста 2014“. Како од театарот и
фотографијата се насочи кон музичкиот свет и како изгледаше патот дотаму?
- Музиката е една од најважните работи во мојот
живот. Без музика не функционирам. Но кога работите „уметничко видео“
за музика, тоа е огромен предизвик да се земе во свои раце. Искрено, не
ја знаев ситуацијата на македонската естрада во тој момент. Се случуваа
тектонски поместувања во естрадата по „Република“ и „МНА“, а
музиката по медиумите достигна момент речиси да не знаете дали се
наоѓате во Србија, Бугарија, Албанија, Грција, а можеби и Америка.
Македонската музика речиси и да ја немаше. Но, без разлика, најважно е
колку идеолошки верувате во тоа што сакате да го остварите. Технички
можев да изведам сѐ, но Скопје беше тотално нова територија за мене.
По мојата прва соработка со „Памперс“, работите почнаа да се движат
многу брзо и „Горила“ како премлада продукција беше прва што се појави
во тој момент, а внатре веќе беа младите, но искусни таленти Дарко
Илиевски, Димитар Андоновски, Магдалена Цветковска. Не беше потребно
многу време за да се појават и другите артисти, како Сара Мејс, Тамара
Тодевска, Нокаут, Слаткаристика итн. Да бидам искрен, тоа беше многу
работа сработена во 3 години, по неколку музички видеа за секој артист
поединечно. Така што, колку и да изгледаше успешно, во моите очи
квантитетот растеше, а квалитетот веќе се мереше со технологијата што ќе
се употребеше... колку поскапа опрема, толку поубава песна и спот, нема
проблем :) И самиот знаев дека ќе морам да се повлечам целосно од
продукцискиот тип на работа и продолжив со мојата професија во
агенцијата „Иноватива“ и самостојно, само со неколку артисти во кои
лично јас верував. Подоцна, додека соработував со Слаткаристика ја
освоивме наградата заедно со Ферус и Тајзи за најпопуларен видеозапис
во 2013 година.
Дел од фотосесијата со Игор Џамбазов
Моментално работиш како мултимедијален артист
во информатичката технологија. Дали можеш да ни откриеш нешто повеќе за
твојата работа?
- Веќе 3 години работам во иновативната
интернационална компанија „Цилиндо“, која произведува авторски апликации,
дизајнира и дистрибуира дигитална визуализација. Официјално јас сум
сениор артист и мојата работа е стриктно поврзана со одделот за
визуализација и продукција (светло, камера, боја, текстури и материјали)
и често работам со дел од тимот на нови апликации и продукциско
имплементирање. Најмногу сме фокусирани во индустријата за мебел, но и
на многу други индустрии и можам со цела гордост да кажам дека
постигнавме огромни успеси во технологијата и работиме за многу
популарни имиња на пазарот во оваа индустрија, како „Ethan Allen“, „Century Furniture“, „Kravet“, „Timothy Oulton“, „Ligne Roset“ и многу други светски имиња. Она што многу ме радува и од кое сум позитивно изненаден е колкав квалитет може да излезе од Македонија. Секојдневно технологијата
расте и се обновува... да следите еден таков тренд и да придонесувате
кон него со својата иновативност, тоа е сериозно посветување.
Покрај тоа, за нас од големо значење се искуството и работната култура
што се стекнуваат од работата со Европа и општо со компании од целиот
свет!
На сет со Тамара Тодевска
Од каде влечеш мотивација, сила и енергија за секој проект што го работиш?
- Директно
кажано, учењето ме мотивира најмногу. Kога мислам на учењето, мислам на
она есенцијално учење на одредена проблематика, да ги разбирате
работите длабоко од корен и нормално да ги примените во ваша полза. Кога
се набљудувате низ годините како растете во тоа што ве исполнува, тоа
ви дава уште поголем мотив и енергија да ја издржите напорната работа и
уште многу учење. Но, пред сѐ, прво мора да пронајдеме што нѐ
исполнува, а тоа значи да се пронајдеме себеси.
Колку Македонија е во чекор со она што се случува во светот во однос на технологијата и визуализацијата?
- Ќе
се потрудам да изнесам еден генерален заклучок, иако тоа е многу тешко.
Ние сме релативно многу млада држава, особено што се однесува до
модерната технологија и уште многу време ќе ни претстои за работа. Но,
големо но... јас и не мислам дека треба да гледаме кон светот како нешто
што треба да го стигнеме. Тоа е невозможно. Од проста причина, ние
имаме наша култура, и ние треба таа да ја градиме, модернизираме,
унапредуваме и пополека тоа да стане наша традиција и модерна култура.
Таму надвор во светот има енормно голем број инвеститори кои се
желни да видат нешто ново и, пред сѐ, автентично. Но, да се разбереме, од
нас зависи колкав ќе биде квалитетот што ќе им го понудиме на маса.
На сет со Тајзи, за „Амор“
Ќе видиме ли нешто ново од тебе во иднина?
- Прво
морам да признам една многу, многу важна работа за мене. Од моето
најрано детство бев заљубен во друштвените, а особено во видеоигрите,
така што јас сум гејмер. За мене тоа е клучно во изминативе неколку
години додека работам во ИТ-индустријата. Од оваа гледна точка,
театарот, музиката и визуализацијата ми се повеќе од потребни. Дали ќе има поголема идеја во иднина, дефинитивно. Во
моментов, еден мал, но ентузијастички тим работиме на демо-верзија за
видеоигра што сакаме да ја споделиме со сите и да добиеме први
коментари. Разбирајќи колку е важен првиот впечаток на гејмерите, може
да освоите илјадници фанови и да освоите нешто многу поголемо отколку што сте
очекувале или да изгубите апсолутно сè. Затоа сакаме да ја направиме
видеоиграта „Bal Kan - The Last Rebel” најдобро што можеме и без
разлика дали нашата игра ќе најде иднина на „Стим“ со crowdfunding,
со спонзор или издавач, ние само сакаме да ги направиме сите љубители на
игри задоволни со најдобрата авантура што можеме да ја создадеме и, пред
сè, приказна преку која ќе може светот да ги запознае нашата култура и
историја! Се надевам дека за брзо публиката и официјално ќе може да нè следи
на социјалните мрежи.