Компанијата „
Касперски лаб“, чие седиште е во Москва, на светот му понуди бесплатна верзија од својата програма против компјутерски вируси.
Новиот производ е лансиран во време кога фирмата е изложена на обвинувања во САД дека нејзиниот софтвер е подложен на влијание на руските власти.
„Касперски фри“ во овој момент е достапен во САД, Канада и во неколку земји од азиско-пацифичкиот регион, а во наредните месеци ќе биде понуден и во останатите делови од светот, напиша на својот блог основачот на компанијата, Еуген Касперски.
Тој соопшти дека бесплатниот софтвер нема да ја замени верзијата што се плаќа и прецизира дека со овој пакет се добиваат само основните нешта, како заштита на електронската пошта, автоматско унапредување на софтверот и заштита од вируси.
Компанијата работеше 18 месеци на бесплатна верзија на антивирусната програма, а пробните верзии се користат во Русија, Украина, Кина и во скандинавските земји.
Касперски наведува дека сите корисници ќе имаат корист со лансирањето на новиот софтвер бидејќи ќе се унапреди процесот на учење за работата на компјутерот, што ќе се почувствува во сите производи.
„Касперски лаб“ е основана во 1997 година, а растеше брзо во текот на првата деценија од 21 век и стана една од водечките фирми во областа на антивирусниот софтвер.