X
 01.08.2017 Живот

Доналд Трамп подготвува нови санкции кон Русија


Доналд Трамп
(Фото: AFP)

Претседателот на САД,  Доналд Трамп, ќе го потпише документот со кој се заоструваат санкциите кон Русија. Овој потег е најавен откако Москва побарала од САД да го намалат бројот на својот дипломатски персонал во Русија, и се закани дека ќе заплени две недвижности што ги користи американската амбасада во Москва.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, изјави дека Трамп го поддржува законот и ќе го потпише откако ќе ја проучи последната верзија на нацртот. Со оваа најава отстранети се сите сомнежи дека Трамп ќе одбие да го потпише законот или дека ќе стави вето на истиот.

Ова се основните шест работи што би требало да се знаат за американските санкции кон Русија, Северна Кореја и Иран.

1. Зошто САД воведуваат санкции?

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со речиси апсолутно мнозинство (419 : 3) во вторникот ги усвои новите санкции кон Русија поради наводното мешање во американските избори минатата година, потоа поради кршењето на човековите права, анексијата на Крим, но и воените операции на истокот во Украина. Тие санкции во четвртокот ги потврди и Сенатот со 98 гласа „за“ и 2 „против“. Санкциите ќе стапат во сила веднаш штом Трамп ќе стави потпис на истите.

2. Кој сè е на удар од санкции?


Санкциите се однесуваат на Русија, Северна Кореја и Иран. Санкциите кон Северна Кореја се воведени поради неодамнешните извештаи во кои разузнавачите тврдат дека Пјонгјанг до следната година ќе биде способен да лансира интерконтинентален балистички проектил со капацитет за носење нуклеарно оружје. Иран најави дека доколку САД воведат нови санкции кон него, ќе возврати со иста мера. Претседателот Хасан Рохани изјави дека иранскиот парламент ќе преземе подготвителни мерки како одговор на санкциите.

3. Што вели Русија?

Руското министерство за надворешни работи се жали на сè посилното протурско расположение во САД обвинувајќи ги „познатите кругови“ дека бараат „отворен судир“. Претседателот Владимир Путин во четвртокот предупреди дека Русија ќе возврати на американското, како што се изрази, „простачко“ однесување. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во телефонски разговор на својот американски колега Рекс Тајлерсон му кажал дека Русија е подготвена за нормализација на односите со САД и на соработка за големите глобални прашања. Лавров и Тајлерсон се согласиле дека ќе останат во контакт во поглед на низа билатерални прашања, стои во соопштението на руското министерство.

4. Што ќе биде со американските дипломати во Москва?

САД до први септември мора да го намалат својот дипломатски персонал на 455 лица, колку што останаа руски дипломати во САД, откако Вашингтон во декември минатата година протера 35 лица. Не беше наведено колку американски дипломати и други вработени ќе бидат принудени да ги напуштат своите работни места, но новинската агенција „Интерфакс“ цитираше добро упатен извор дека се работи за „стотици“ лица. Руската државна телевизија „Росија 24“ извести дека ќе бидат погодени повеќе од 700 вработени во амбасадата, но истото не е потврдено ниту од руското министерство за надворешни работи ниту од американската амбасада. „Ројтерс“ од дипломатски извори дознава дека САД ќе мора да одлучат кои вработени ќе ги отпуштат, без оглед дали се со американско или со руско државјанство.

5. Кој е ставот на Европа?

ЕУ ги активира дипломатските канали со цел да спречи санкциите кон Русија да им наштетат на европските интереси, особено на оние што се однесуваат на клучните енергетски проекти во Европа, како што е „Северниот тек 2“. Унијата најави воведување контрамерки доколку американскиот Конгрес изгласа санкции против Русија. Тие стравуваат дека новите американски мерки, ако не ги земат предвид европските интереси, можат да му наштетат на одржувањето или модернизацијата на постојните гасоводи кои од Русија, преку Украина доаѓаат до ЕУ. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави дека ЕУ ќе биде подготвена да реагира во рок од неколку дена.

6. Какви би можеле да бидат последиците од санкциите за Русија?


Санкциите би можеле да го спречат економскиот развој на Русија. Имено, ММФ неодамна објави дека руската економија првпат после две години закрепнува и расте. Се претпоставува дека санкциите ќе ја ослабнат руската економија, токму како што се случи во 2015 година, за време на украинската криза, кога руската економија се намали за девет проценти. Русија тогаш воведе контрасанкции кон земјите од ЕУ, кои најмногу се однесуваа на увоз на храна.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот