X
 04.08.2017 Образование

Во училиштата ги учиме децата дека зборот „немој“ е најважниот!

Илустрација: Учителка им обликува мислечки облачиња на децата


Во основно училиште, кога би требало да се истражуваат бескрајните можности за саморазвој и разновидноститe на добриот живот, темелниот елемент со кој се занимаваме се ограничувањата олицетворени во зборот „немој“.

Немој да трчаш; немој да зборуваш; немој да се качуваш по дрвjата; немој грубо да си играш; немој да зборуваш ако не кренеш рака; немој да се „врткаш“; немој да стануваш од своето место; немој да гледаш низ прозорецот; немој да ги соблекуваш чевлите; немој да јадеш или пиеш во училницата; немој да се смееш; немој да одолжуваш; немој да читаш однапред; немој да ја напушташ патеката; немој да велиш „досадно ми е“; немој да се мешаш со повозрасните деца; немој да се жалиш; немој да носиш свои играчки тука и така натаму, заедно со „немој“ што подразбира: „немој да имаш сопствени идеи; немој да покажуваш иницијатива; немој да бидеш независен; немој да имаш сопствен избор; немој да преземаш одговорност за сопственото учење“.

Постојат повеќе „немој“ отколку што има денови во календарот, „бубање“ без крај. Оваа континуирана негативност на многу деца им го крши духот. Најтрајната последица од повторувањето НЕМОЈ е создавање рамнодушност кон сè освен кон „наркотичните средства“, како што се насилството, грубото однесување, суровоста, алкохолот  и другите вистински дроги што не можат да се избегнат со негативизам.

Како го знам тоа? Поминав 30 години во училниците заедно со речиси 4.000 тинејџери, а со многумина од нив и лично разговарав; другите 20 години ги поминав во училница и самиот како ученик и студент и уште 20 дополнителни години проучувајќи го школскиот бизнис и зборувајќи за него низ целиот свет.

Образецот со кој се бараше одобрување за училишен излет, испратен во септември 2005 година на родителите на учениците од осмо одделение од училиштето „Кралицата Елизабета“ од Калгари, Канада, ќе ви даде појасна слика како училиштето го обесхрабрува директното искуство, како помеѓу родителите така и помеѓу децата, што е важна компонента на програмата на негативизмот:

ПОТЕНЦИЈАЛНИТЕ ОПАСНОСТИ МОЖАТ ДА ГО ВКЛУЧАТ СЛЕДНОТО, НО НЕ СЕ ОГРАНИЧЕНИ САМО НА ТОА:

Патување со автобус до одредиштето и назад: патувачка болест, повреди заради болеста при возење други лица, повреди од паѓање при неочекувано негативно или позитивно забрзување, опасност од сопнување при влезот и излезот од возилото или при движењето вдолж преодот меѓу седиштата, презагревање во текот на возењето, повреди предизвикани со предмети кои влетуваат преку отворените прозорци, повреди кои настануваат при ненадејно вадење на главата или на екстремитетите низ прозорецот, повреди што настануваат поради сопствено или туѓо несоодветно однесување.

Целиот излет: Слизнување или сопнување при влегувањето или излегувањето од автобусот, лизгање при качувањето скали или подвижни скалила, опасност од полен, храна, прашина или други алергени, дехидратација, изложеност на временски услови, вклучувајќи студ, влага, топлина, запурнина, жештина и сончево време, сопнување на тротоар или поплочени патеки, напади и повреди од диви животни, организми внесени со храна од сопствен или туѓ ручек, ужина или пијалак, електрични бури вклучително и удари од гром, лизгав терен во ридовите.

Разгледување експонати во затворен простор: опасност од сопнување на скалилата, опасност од судир со други посетители, опасност од лизгање по влажен под или тротоар, повреди од паѓање на експонати.

Извадок од книгата „Оружјe за масовно подучување“ од Џон Тејлор Гато.

Извор: Детинарије
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование