X
 30.07.2016 Наука

Што кај децата предизвикува времето поминато пред екран?

Екраните се неизбежна реалност и дел од растењето во модерно доба. Скоро секое дете поминува часови гледајќи телевизија, седејќи пред мониторот од лап топот/компјутерот или уредот.

Ова не мора да биде лошо нешто. Постојат едукативни апликации и телевизиски емисии кои и тоа како го збогатуваат нивното знаење, им го изоструваат умот и поттикнуваат развој на комуникациските вештини. Но, само ако со нив се раководи внимателно. Голем број истражувања покажуваат дека токму когнитивниот развој е тој кој е развиен кај оние деца кои премногу време поминуваат пред екраните, и притоа не бирајќи квалитетна содржина.

Долгорочни последици

Кај многу малите деца, кои редовно користат паметен телефон или друг вид уред, постои можност трајно да ги оштетат мозочните способности кои тогаш се развиваат. Способноста да се фокусираат, концентрираат, да го задржат вниманието, да ги сфаќаат чувствата на другите луѓе, да комуницираат со опкружувањето, да го збогатат речникот - сите овие се елементарни делови од детскиот развој и сите тие се загрозени доколку детето редовно користи електронски уреди.

Поедноставно кажано - родителите кои брзаат да ги научат своите деца да работат со модерните уреди му прават многу поголема штета отколку корист.

Помеѓу раѓањето и третата година, мозокот за многу брзо време се развива и е особено чувствителен на дразби од опкружувањето. Ова во медицината се нарекува критичен период поради тоа што промените кои тогаш се случуваат во мозокот всушност формираат трајна основа за понатамошен развој на мозочните функции. За да се развијат правилно врските помеѓу невроните, во овој период на детето му се потребни специфични стимуланси од опкружувањето - меѓутоа ниту еден од овие стимуланси не може да се пронајде во мобилните телефони и таблети. Кога малото дете поминува повеќе време пред екранот тоа ја пропушта можноста од реалниот свет да го добие она што навистина му е потребно - поттикнување за понатамошен развој кои со самото тоа се загрозени.

И тоа не само привремено. Ако стимулансите ќе изостанат во критичниот период, последиците најверојатно ќе бидат трајни. Иако звучи чудно, сите овие стимуланси кои ги следат модерните уреди (способноста истовремено да се извршуваат повеќе активности, бројните стимуланси на прстите и рацете) се токму она што на еден млад мозок НЕ му е потребно.

За разлика од мајката која на детето му чита приказна, приказната раскажана преку екранот од телевизорот или таблетот, на детето истовремено му испраќа звук и слика. Додека детето ја слуша својата мајка како зборува, тоа ги процесира нејзините зборови и во својата глава создава слика од раскажаната приказна, такашто мозокот на детето е повеќе поттикнато на работа отколку кога детето гледа на екранот каде се' му е сервирано „на готово“. Уредите создаваат слики наместо нив, со што слабее когнитивниот развој.

Тешко стекнуваат пријатели


Фронталниот лобус на мозокот е одговорен за развојот на социјални вештини, емпатијата, разбирањето на невербални сигнали во разговорот со пријателите и воопшто за социјалната интеракција и успешната комуникација.

Овој дел на мозокот се развива токму во раното детство, во текот на споменатиот критичен период. Такашто, ако вашето дете поголемиот дел од времето го поминува дружејќи се со компјутерот или телефонот наместо да игра и да разговара со другарчињата, неговите социјални способности ќе бидат значително послаби, па големи се шансите тоа никогаш да не го поправите.

Дали сте виделе мајка која се смее додека нејзиното мало дете го користи паметниот телефон или додека се обидува да „кликне“ на сликата во весникот како да е екран? Можеби сето ова изгледа слатко, меѓутоа укажува на длабок проблем во мозокот на детето - очекување дека секоја активност која детето ќе ја изврши мора да има моментален ефект и брз одговор.

Ова може да се очекува во светот на екраните, но не и во вистинскиот живот. Кога секое движење со прстот кај детето носи нова слика, бои и движење, детскиот мозок одговара такашто лачи допамин, клучна компонента која ги контролира центрите поврзани со награда и задоволство. Детето се навикнува на моменталното чувство на задоволство и наградата која ја добива со движење на прстите и секогаш повеќе ќе сака да се враќа на екраните кои даваат многу побрз одговор од реалниот свет и интеракции со другите.

Не ги исфрлајте уредите од вашиот дом


И покрај опасностите кај децата кои ги носи претераното користење на модерните уреди, тие имаат и доста добри страни. Кога детето ќе наполни две години, можете да му дадете пристап, но мора да го ограничите. Најмногу еден час секој ден е доволно децата да развијат координација на движењата па дури и да ги изострат јазичните вештини. Секако, времето поминато пред екран мора да биде строго контролирано и никогаш не смее да биде замена за игра во реалниот свет.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука