Повеќето луѓе не го користат „Ексел“ освен ако им е потребен за време на работата. Табели, буџети и инвентар се чести причини за користење на овој софтвер.
Фото: Certiport
Но, за 17-годишниот Џон Думулин од Северна Вирџинија, Америка, „Екселот“ е одличен начин за следење на статистиките на неговиот омилен безбол-тим „Лос Анџелес доџерс“. Вештините од неговото хоби му помогнаа да освои награда од 10.000 долари и да стане шампион на меѓународниот натпревар во „Ексел“.
Думулин дознал за натпреварот на часот по информатика. Тој посетувал неколку курсеви за различни софтверски програми, така што неговите поени биле највисоки во Вирџинија.
Тинејџерот признава дека бил изненаден од жестокоста на натпреварот. „Некои странски земји тренирале со часови и часови. Кога првпат се среќавате со меѓународни студенти, сите се пријателски расположени, но кога ќе дознаете дека се натпреварувате со нив во истата категорија, тие се разгоруваат. Сакаат да победат“, вели тој.
Арон Осмонд, генерален менаџер на „Сертипорт“, компанија од Јута која го води натпреварот, вели дека во категоријата „Ексел“ обично победува студент на факултет кој има предавања по информатика во текот на студиите.
„Повеќето од нас што работат во канцеларија мислат дека знаат како се користи
Ексел. Но овие деца навистина знаат“, вели Осмонд.
Думулин, кој е страстен безбол-играч, сака да го користи „Ексел“ за мерење на статистиките и за барање модели во безбол-игрите. Тој вели дека би сакал да го примени своето знаење во бизнис-сферата. Работењето за неговиот омилен безбол-тим, како дел од тимот за анализа на податоци, за него е кариерата од соништата.