X
 18.08.2017 Култура

Да се биде мајка на друго место - во Холандија

холандија

Според Законот за работа и нега во Холандија, жените уживаат многу права за семејствата да имаат добар баланс помеѓу работното време и времето за членовите. На пример, ако бремена жена аплицира за работа, таа не е должна да го извести својот потенцијален работодавач за својата состојба. Исто така, трудницата не може да биде одбиена за работа поради нејзината бременост.

Трудницата не смее да биде отпуштена од работа, а не смее да биде отпуштена и три месеци откако ќе се врати од породилно отсуство. Во случај да има договор за работа кој завршува во тој период, трудниците и родилките ги имаат сите права на здравствено осигурување и боледување. До 6 месеци после раѓањето на детето, вработената мајка не смее да работи во ноќна смена, ниту прекувремено. За мајките кои дојат, мора да бидат обезбедени простории за доење на работа.

Она што за Холандија претставува проблем е тоа што жените, без оглед дали се мајки или не, често работат половина работно време. Ова на жените во Холандија значително им го отежнува искачувањето на корпоративната скала. Делумно поради оваа причина, само неколку жени се наоѓаат на врвот на холандската индустрија.

„Се преселив во Холандија кога бев 6 месеци трудна. Мојот сопруг доби понуда за работа, па бидејќи во Белград немавме добри услови за живот, одлучивме да се обидеме да живееме во странство. За мене значеше уште поголема промена од онаа што ја очекував. Средбата со Холандија, и пред сè нејзината филозофија за бременост, пораѓањето и негата на децата за мене беше бурно искуство. Осум години и две деца подоцна, можам да кажам дека како и секој систем, и холандскиот има свои маани и предности. Накратко би го опишала како целосно различен.

Во Холандија здравственото осигурување го имаат сите жители и тие за него сами плаќаат. Секоја полнолетна личност мора месечно да плаќа премија, а изборот на осигурителната куќа е слободен. Основната цена е 90 евра по личност. Ако треба да се избере мотото на бременоста и пораѓањето во Холандија, тоа би било: „Што поприродно“.

Првите 12 недели нема прегледи, нема интервенции. И подоцна пристапот е максимално природен и неинвазивен. Бременоста ја водат бабиците, прегледите се еднаш месечно и се сведуваат на разговор со трудницата, понекогаш мерење на стомакот со шнајдерско метро (какво што користеа нашите баби) и слушање на стомакот со стетоскоп. Ултразвучните прегледи се прават двапати во текот на бременоста - помеѓу 10 и 12 недела и во 20 недела.

Пораѓањето дома и понатаму е традиција, во некои средини малку и наметнат, иако на крајот изборот паѓа на самата трудница. Интересно е тоа што основниот пакет на осигурување не ја покрива можноста за пораѓање во болница по желба на родилката, туку само ако постои медицинска индикација. Доколку жената сака да асе породи во болница, важно е однапред да земе проширен пакет, за да не мора сама да ги плаќа трошоците за пораѓање. Здравата трудница со уредна бременост докторот воглавно не ја ни гледа. Доколку дојде до компликации, добива упат за болница и гинеколог, но главната личност што ја следи бременоста и го води пораѓањето е бабицата.

Во текот на првата бременост немав избор, живеевме во мало место, на половина час од Ротердам. Имав млада и доста пријатна и весела бабица. Откако ги средив документите и дозволата за престој, можев да се регистрирам во нејзината ординација. До крајот на бременоста кај неа одев на прегледи. Бебето не се брзаше, а не се брзаше ниту бабицата, па влегов во 42 недела. Кога пораѓањето конечно започна, бабицата дојде кај нас дома да ме прегледа; поминавме уште еднаш низ разговорот: „а ти сепак да се породиш тука“, меѓутоа јас бев одлучна и сакав да одам на болница.

холандија

Ме сместија во еднокреветна соба, за стандардите во Србија доста добро опремена и удобна (иако после пораѓањето прочитав дека токму таа болница била изгласана за една од најлошитево Холандија). Немав можност да барам епидурална; во 2008 година епидуралната сè уште беше исклучиво дискреционо право на гинекологот. Бабиците ѝ помагаа на една медицинска сестра и една ученичка и сите беа многу љубезни кон нас. Кога се роди бебето не го избањаа, веднаш смееше да цица и заедно нè префрлија во собата за опоравување. Бебето цело време беше со мене. После неколку основни прегледи нè пуштија од болница истиот ден, околу 7 и пол часа после раѓањето на бебето. Ова е стандардна пракса во Холандија - престојот во болницата се сведува на минимум, поради трошоците.

Кога бев трудна по вторпат, веќе бевме преселени во Хаг и свесно избрав бременоста да ја водам и да се породам во болница која важи за една од најдобрите во Холандија. Ме интересираше колку ова второ искуство ќе биде различно. Сепак, морам да признам дека немаше многу разлики. Единствено што поради бројни компликации сепак отидов на доктор, дури имав и ЦТГ неколку патии докторката на крајот одлучи да направи индукција. Оваа болница беше многу помодерна од првата. Овој пат на пораѓајот беше присутен и доктор, и бидејќи изгубив многу крв, ми беше дозволено да престојувам уште една ноќ во болницата.

Посебна холандска традиција е „краамзорг“ или породилна нега. Секоја родилка има право на користење на услугите на патронажна сестра која една недела доаѓа во домот на семејството и ги извршува сите работи околу бебето и мајката и плус домашните обврски кои се однесуваат на нив. На пример, ја приготвува храната на мајката, но не и на останатите членови на семејството. Пере и пегла за мајката и бебето, но не и останатите. Овие сестри даваат помош и поддршка на родилката, не само во доењето и негата на бебето, туку и психички.

Породилно отсуство, градинка, прегледи и вакцини


Во Холандија породилното отсуство трае само три месеци. Среќна околност е што може да се работи скратено работно време или на пример само 3 работни дена. Оваа опција ја користат повеќето мајки, а често жените и ги напуштаат работните места додека децата се мали. Градинките примаат бебиња на возраст од 10 недели до 4 години, кога се тргнува во основно училиште.

Со ќерката сè уште не работев, па со неа бев дома скоро две години. Со синот веќе морав да се вратам на работа, и со користење на пумпа, успеав да го дојам 6 и пол месеци, но целото искуство беше напорно и за мене и за него.

Градинките во Холандија се привани, со многу скапи цени. Обичај е детето да оди во градинка само оние денови кога мајката оди на работа. Дел од трошоците за градинката на родителите им се враќа преку враќањето на данокот, но само ако двајцата родители се вработени. Трошокот за едно дете изнесува отприлика половина од платата.

Имав различни искуства со градинките со двете деца. Синот го отпишав од првата градинка, поради постојано преместување на персоналот; за три месеци промени 10 воспитувачи, а тие беа крајно опуштени и своеглави кога стануваше збор за неговата нега и храна. На пример, им се јавив еднаш додека тој сè уште беше бебе и ги прашав дали му дадоа млеко, на што ми одговори: „Не, па уште нема заплакано“. Во втората градинка беше подобро, но за секој што пораснал во Србија, пристапот на негата на децата во Холандија, ќе биде шок. На бебињата и децата им е дозволено да лазат на подот, а сите носат чевли од надвор. Две воспитувачки се грижат за група од 12 деца, во градинките не се служи готвена храна, така што детето го поминува денот јадејќи овошје, неколку сендвичи и неколку солени крекери. Играат надвор секој ден, дури и кога врни; рацете ретко ги мијат, сите шетаат валкани и тоа се смета за нормално. Не сакам ни да се сетам колку пати го имам земено детето прегладнето. Воспитувачката еден од тие дена значајно ми нагласи дека тој ден детето изеде дури 3 парчиња леб.

Децата до 4 години имаат право на бесплатни прегледи и вакцинации во „бироата за консултација“. Овде ги следат медицински сестри и доктори со општа пракса кои даваат совети за исхрана, воспитување и надгледување на родителите дали даваат соодветна нега. Овие институции се за здрави деца, па во случај детето да е болно, се оди на друг семеен доктор. Здравите деца со типичен психички и физички развој не одат на педијатар.

На училиште започнуваат кога ќе наполнат 4 години; не се чека да дојде септември, туку децата се приклучуваат во прво одделение во текот на цела година. Првата година повеќе личи на градинка отколку училиште, но откако детето ќе тргне, се очекува да оди секој ден. Кога ќе наполни 5 години, станува законски обавезно да посетува настава и притоа не се дозволени патувања надвор од училишниот распуст.

Животот со мали деца во Холандија


Одлично е тоа што во Холандија секаде се оди со деца. Нормално е со мало бебе да се излезе на вечера во ресторан. Градскиот превоз е прилагоден за колички, секој тоалет има место за преслекување на бебето, а доењето на јавно место е нормална појава. Сервисот „баба и дедо“ е многу помалку застапен отколку во Србија, дел поради тоа што луѓето живеат далеку од родителите или затоа што семејните односи во Холандија се подалечни од оние на кои сме навикнати ние. И двајцата родители се подеднакво вклучени во животите на децата. Често може да се видат татковци со деца на велосипед, на пливање и слично. Децата имаат многу поголема слобода, а од нив се очекува независност на порана возраст отколку во Србија. Од друга страна, се смета дека дете од 3 и пол години во пелени е сосема во ред. Само без притисок, без форсирање, повторно „колку што може поприродно“.

Дружење


Бидејќи како странец дојдов во Холандија, тука немам роднини, немав пријатели, па родителството за мене беше осамено искуство. Со текот на годините стекнав пријателки, но првите две-три години беа релативно осамени во однос на дружењето и поддршката. Овде не е обичај да се разговара со другите мајки во паркот или игротеката; секој доаѓа за себе. Училишните родендени се слават по принципот - колку години полниш, толку деца можеш да повикаш. За малите деца, родендените воглавно се слават дома, и за жал и блискиот другар и другарка не се повикани доколку не се вклопуваат во дозволениот број гости што го одредиле родителите.

Купувањето на половни работи за децата е доста застапено. Холанѓаните не сакаат премногу да трошат на вакви работи, па еден велосипед, додека може да се вози, го менуваат и до 4 сопственици“.

Пишува: Ксенија Габријел
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура