X
 28.04.2023 Живот

Матурант од САД го примиле на 170 колеџи и му биле понудени над 9 милиони долари стипендии

Средношколец од американската сојузна држава Луизијана добил повеќе од 170 писма со позитивен одговор за прием на повисоките образовни установи, а му биле понудени и над 9 милиони долари стипендии. Со тоа, ова момче од Њу Орлеанс постави два рекорда.

Младиот Денис Малик Барнс изјави дека првично немал намера да соборува рекорди.

- Како што се пријавував на сѐ повеќе колеџи и како што растеше бројот на позитивни одговори, со понуди за стипендии доколку влезам во нивниот колеџ, станав заинтригиран... Кога дознав дека сум блиску до рекордот, само одлучив да продолжам со пријавите - појасни момчето.

Барнс вели дека почнал да ги испраќа пријавите во август 2022 година и „со гордост гледал“ како се собираат позитивните одговори и стипендиите. Тој им дава и неколку совети на своите врсници.

Успехот на Барнс е 4,98 и тој ќе дипломира две години порано. Сѐ уште не одлучил на која образовна установа ќе се запише наесен. Претставниците на училиштето каде што учи велат дека достигнувањето на Барнс поставува нов светски рекорд и се обратија до Гинисовата книга на рекорди за да го официјализираат тоа.

- Имам намера да се занимавам со компјутерски науки, а потоа би сакал да одам и на Правен факултет - додава тинејџерот.

Тој досега има испратено пријави на 200 образовни установи, а својата конечна одлука најверојатно ќе ја соопшти пред да матурира.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот