Руската армија во саботата изјавила дека користела хиперсонични ракети во Украина. Ова е прва позната употреба на овој систем за време на војна.
Хиперсоничната ракета наречена „Кинџал“ уништила големо складиште на оружје и муниција во Западна Украина, според Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана на Русија. Владимир Путин ги опишал хиперсоничните ракети како „непобедливи“, но што се тие?
Според официјална Москва, ракетите летаат со екстремно голема брзина, односно со околу 12.000 километри на час, па затоа е речиси невозможно да бидат пресретнати. Но некои западни експерти мислат дека Русија претерува со фактите за нејзините хиперсонични ракети.
Според воениот експерт Павел Фелгенхауер, овие ракети имаат поголема психолошка предност отколку стратешка.
- Всушност, не ја менува борбата, но сигурно има ефект во поглед на психолошка пропаганда, да ги исплаши сите - објаснил тој за европскиот медиум „Јуроњуз“.
Фото: Pixabay
Досега вакви хиперсонични ракети биле тестирани и од страна на Кина и Северна Кореја, а официјално САД немаат вакво оружје во моментов.
Русија има неколку класи на хиперсонично оружје. Она што се вели дека било искористено во Украина се користи за цели на далечина од 1.000 до 2.000 километри, но ракетата може да се лансира и од авион.
Русија има и хиперсонични ракети што може да ја сменат насоката, а кои успешно биле тестирани во 2018, кога погодиле цел на оддалеченост од 6.000 километри.
Државата има и хиперсонични ракети што може да се лансираат од брод или подморница. Тие првпат биле тестирани во 2020, а подоцна и во декември 2021 година.
Извор:
Euronews
Насловна фотографија: Pixabay