X
 26.08.2017 Живот

Наместо на психијатар, тинејџерите одат на онлајн-третмани


Момче со мобилен телефон в раце.
(Фото: Pixabay)


Истражувачите открија дека проблематичните деца и тинејџери што страдаат од анксиозни нарушувања и разни фобии навистина подобро реагираат на терапијата преку телефонските апликации отколку при средбите „лице в лице“ со експерт.

Додека повеќето возрасни преферираат човечки совет, признавајќи дури и дека односот со нивниот терапевт им е една од најважните работи во нивниот живот, помладите генерации реагираат сосема различно. Компјутерската терапија кај нив дава далеку подобри резултати.

Според научниците од Технолошкиот универзитет во Квинсленд, Бризбејн, апликациите и разните „четувања“ им помагаат на пациентите да поминат низ техники како когнитивната терапија за однесувањето, која се покажала како ефикасна при лекувањето на општите ментални нарушувања.

Тие откриле неколку апликации што им помагаат на младите да се соочат со сопствениот проблем преку прашања и вежби. Зголемената употреба на онлајн-третмани исто така им овозможува на терапевтите да соберат повеќе пациенти преку објави или електронска пошта, што на крајот се покажува и како поекономичен начин на лекување.

Испитувањата открија дека ефектите на компјутеризираната терапија се приближно еднакви со традиционалните методи.

„Не најдовме никаква разлика во стапката на успешност на третманите кај пациентите што самостојно се лекуваат преку интернет и пациентите што ги третирал терапевт. Овој заклучок упатува на фактот дека терапевтите не играат главна улога во резултатот од терапијата“, истакнуваат истражувачите.

Научникот Роберт Кинг и неговите колеги открија дека техниките што ги користат терапевтите биле ефикасни благодарение на директниот контакт кој предизвикува чувства и емоции кај пациентот.

Резултатите при компјутерската терапија биле променливи, веројатно затоа што терапевтите можат да се приспособат на пациентите што лошо реагираат.

Учесниците во истражувањето сепак инсистирале дека на луѓето не треба да им се ускратува терапијата „лице в лице“.

„Иако онлајн-терапијата може да биде корисна, важно е таа да не стане замена за терапијата ’лице в лице‘ што ја применуваат квалификувани практичари, како и да се понуди заедно со низа други опции на лекување. За некои луѓе од клучно значење е да имаат терапевт покрај себе, за да изградат однос на доверба, кој им помага во лекувањето“.

Едно претходно истражување откри дека новите технолошки алатки им помагаат на тинејџерите во справувањето со стресот, со користење на нивната омилена алатка – паметниот телефон.

Американската психолошка асоцијација утврдила дека тинејџерите во САД се поподложни на стрес во споредба со возрасните, а се установило дека симптомите на стрес, дури кај 82 проценти од испитаниците, се умерено или исклучително нагласени во текот на учебната година.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот