X
 22.10.2019 Живот

А дали ти мене ми се допаѓаш?

Колку пати сте се нашле во ситуација да чувствувате силна социјална анксиозност? Колку пати сте имале потреба другите да ве прифатат, уважат, слушнат и видат? Колку пати сте сакале некој да ви каже дека му се допаѓате, дека сте му убави, привлечни, интересни или забавни? Колку пати од луѓето од кои најмногу сте сакале одобрување и прифаќање сте го добиле тоа?

Ако сте меѓу оние што го добиле тоа без многу труд, просто затоа што сте тоа што сте, блазе вам.

Ние останатите често остануваме со празни раце и вложен голем труд околу добивањето наклонетост, па макар и доживување дека сме видени од оној наспроти нас.

Трагајќи по одобрување, често фокусот ни е на тоа да му се допаднеме некому. Водиме сметка што ќе кажеме, како ќе се однесуваме, облекуваме, како ќе се движиме, ќе бидеме ли доволно згодни, убави, фит, кул, богати, успешни, весели, чил и слично.

И потоа се запрашуваш: Колку труд вложувам јас за да ти се допаднам, а всушност не знам ни кој си ти ни дали ми се допаѓаш?

Колку пати сте се запрашале, пред сите тие луѓе за кои сте мислеле дека не сте доволно добри, дали ти мене ми се допаѓаш? Дали ти мене си ми интересен, дали си забавен? Како ми е мене во мојата кожа кога ти си блиску до мене? Како се чувствувам јас во врска со себе кога минувам време со тебе? Дали нашето време на кој било начин го збогатува мојот момент, овој сега и овде? Дали сум попаметен и подобар човек по времето минато со тебе?

Очите служат за гледање

Јас не се залагам за пумпање на егоцентризмот по принципот „А сега малку јас“, туку само за промена на фокусот. Очите во социјалната анксиозност се насочени кон самите нас, каков сум јас во твоите очи. Односно, каков мислам дека сум јас во твоите очи, па дај да го наштимам тоа за да ти се допаѓам (ова секако не е добра стратегија, ни знаеме што тој некој мисли, ниту, пак, штимањето функционира долгорочно).

Очите служат за гледање, а ние не ги користиме доволно. Не гледаме за да видиме, туку гледаме за да бидеме видени. Будалесто, но да, тоа сите понекогаш го правиме. Па, ајде да гледаме и да слушаме малку повнимателно. Ајде да слушнеме што тој некој има да каже, да видиме како се однесува и дали тоа ни е ОК и дали ни се допаѓа нам. Големи се шансите и тој некој да ја има истата грижа како ние - што мислиш ти за мене.

Вака ние гледаме за да бидеме допадливи, губиме контакт, ја губиме убавината на средбата на две човечки суштества. Ако се отвориме и се слушаме и гледаме, ќе се видиме и ќе се слушнеме. А тоа што го гледаме и слушаме може да ни се допадне или не. И врз основа на тоа ние ќе имаме избор: дали сакам да се впуштам во контакт и продолжување на комуникацијата и односот со тебе или ќе продолжам. На тој начин одбираме од себе, за себе и нас, а не од своите емоции на анксиозност и тиранија на умот („мора да ти се допаднам“). Тоа е подлога за добри односи бидејќи ако те одбирам за да го смирам својот ум, тогаш не те одбирам тебе, туку те одбирам како средство за да се смирам, значи се одбирам себеси преку тебе. И ваквите избори не се фер и не се во ред кон самите нас и кон тој човек пред нас. Затоа што ние сме тука едни на други да си донесеме дополнителен квалитет во животите. И затоа ова навидум претерано смело, нарцисоидно прашање, всушност е едно фер, искрено прашање кое е почеток на вистинскиот контакт. А без вистинскиот контакт нема вистински однос. Па, ете, пробајте. Со веќе присутните во вашите животи и оние со кои сега се запознавате. Дали ти ми се допаѓаш?

Автор: Милица Јакшиќ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот