На интернет веќе некое време се споделува неверојатна фотографија на глутница од дваесетина волци со развиена приказна во заднина. Таа е преубава метафора за лидерство, соработка, тимска работа. Тоа е потсетување дека многу можеме да научиме од природата. Тоа е сторија за ранливоста, хиерархијата, преживувањето во суровиот свет, за упорноста, издржливоста, колективниот дух.
Единствено е штета што оваа приказна е измислена.
Ева како главно се опишуваа оваа фотографија:
„Како се движи глутницата:
Првите 3 волци се стари и болни. Тие одат напред за да го одредат својот бавен ритам на движење што ќе го следат и останатите од групата.
Следните 5 се најсилните и најдобрите, задолжени за заштита доколку се случи напад на оние што се напред.
Во средината се волчиците, кои секогаш се заштитени од напад.
Зад нив се движат уште 5 кои се меѓу најсилните и најдобрите; тие имаат задача да штитат од странични напади на глутницата.
Последниот е водачот. Тој обезбедува никој да не биде оставен зад него. Тој ја чува глутницата за да остане обединета на зацртаниот пат. Секогаш е подготвен да истрча во кој било правец заради заштита и ѝ служи како телохранител на целата глутница.
Ова се нарекува добро водство“.
Навистина, ова звучи прекрасно. Но нема никаква врска со животот, па ниту со природата.
Неколку страници што се занимаваат со разоткривање на митовите утврдија дека ваквото толкување на фотографијата е целосно погрешно. Таа е извлечена од документарниот филм на Би-би-си,
Frozen Planet, од 2011 година, а наратор, секако е легендарниот Дејвид Атенборо. Филмот е снимен во Националниот парк „Вуд бафало“ на крајниот север од Канада, а снимател е Чаден Хантер. Во оригиналниот опис на фотографијата јасно стои дека на чело на глутницата се наоѓа „алфа женка“, (иако експертите најчесто избегнуваат да го користат терминот „алфа“), а другите волци се движат по нејзините траги за да заштедат енергија во зимските услови.
„Големината на оваа глутница покажува колку богат улов имале. Волците во овој национален парк се единствените во светот што ловат бизони кои се десетпати поголеми од нив“.
Вообичаената глутница волци генерално е многу помала од оваа, а ја сочинуваат мајка и татко и нивните потомци. (Волците се ноторни моногамни животни). Само понекогаш, како на крајниот север од Канада, се случува да бидат нешто поголеми.
Значи, не е вистина дека на чело се движат најстарите членови, а на крајот „водачот“. Толку големи глутници волци се ретки, но кога ќе се случат, секогаш на чело оди една од најголемите единки.
Целата идеја дека волците, како што претпочита виртуелниот текст, мораат да се „чуваат“ од напади, странични или фронтални, е сосема погрешна. Затоа што волците се на самиот врв од синџирот на исхрана и
немаат речиси никакви непријатели во природата. Освен конфликти со друга глутница и повремени битки со мечки.