X
 27.12.2021 Живот

Ги истребиле, но сега волците го враќаат ударот во Швајцарија

Еден или можеби два волка што лутаат по планините од кои биле истребени пред еден век може да е добро нешто, односно знак дека повторно се воспоставува рамнотежата во природата. Но, нешто сосема поинакво од таа глетка е да се види цела глутница која лута по алпските села и демне по патиштата по кои децата се движат кога одат на училиште.

Кога пред речиси 30 години првиот волк се вратил во Швајцарија, лутајќи преку границата со Италија, еколошките активисти биле воодушевени. Во текот на доцниот 19 и почетокот на 20 век од швајцарските Алпи исчезнале кафеавата мечка, рисот и волкот. Високото планинско опкружување, кое често се сметало за чисто и недопрено, било опустошено од најголемиот предатор - човекот. Сега сите три вида се вратиле.

Мечките и волците се вратиле по природен пат, а рисот бил вратен со активности на заштитници на животните.

Но, сонот за луѓето и животните кои живеат хармонично едни покрај други се претворил во ноќна мора за некои алпски земјоделски заедници.

Одгледувач на овци во близина на швајцарската престолнина Берн, еден ден во овој месец се разбудил и нашол 7 заклани овци, од вкупно 35, колку што имал. Волците ја прескокнале електричната ограда поставена да го заштити стадото.

За разлика од средновековните предци, кои постојано биле свесни за опасноста од волците, денешните сточари ретко вработуваат пастири да внимаваат на стадата. Дури и традиционалното овчарско куче, кое може да помогне во заштитата од волците, веќе излезе од мода.

По 30 години од првиот забележан волк, бројот на волци во Швајцарија дошол до речиси сто, а биле регистрирани најмалку осум глутници низ земјата. Тие редовно ја напаѓаат стоката, што ги лути сточарите, кои велат дека целото алпско земјоделство е загрозено.

Уште повеќе загрижува тоа што некои глутници волци покажуваат интерес не само за овците, туку и за луѓето. Минатата зима бил забележан волк како набљудува деца додека учат да скијаат. Имало напади и пријави од планинари дека ги следат волци.

Пред сто години волците што им се приближувале на луѓето биле убивани, но денес тие се заштитени во Швајцарија и може да се застрелаат само ако се докаже дека се закана за стоката или за луѓето. Тоа е долг процес во кој службеници за диви животни од кантоните треба да испратат докази до федералната канцеларија за животна средина во Берн, која, ако смета дека се валидни, ќе одобри убивање на волците.

Сточарите лани распишаа референдум барајќи промена на законот за да се олеснат ловот и убивањето на волците, но избирачите, од кои мнозинството живеат во градовите, рекоа не. Наместо тоа, заедниците се обидуваат да најдат начин да ги одвратат волците, а да не го прекршат законот. Така, тие користат гумени куршуми, децата мора да внимаваат и да пријавуваат кога ќе видат волк, а во краен случај, за да исплашат волк кој премногу им се приближил, треба да викнат на цел глас.



- Само затоа што волкот е во близина, не значи дека се подготвува да нападне - вели Давид Герке, претседател на групата „Швајцарски волк“.

Тој додава дека младите волци по природа се љубопитни и затоа понекогаш се приближуваат.

Но, волците се сместени длабоко во нашата колективна свест како нешто од што треба да се плашиме. Рационалниот аргумент можеби нема да ги убеди луѓето да го прифатат „големиот зол волк“ во своето соседство.

Сепак, последен пат кога бил забележан волк во Швајцарија не бил високо во планините, туку во Базел, третиот град по големина во Швајцарија.

Многу градови во Европа ги прифатија урбаните лисици, но урбаните волци? Хм, тешко...

Извор: BBC
Фотографии: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот