Учениците од основните и од средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024 ќе бидат на пролетен распуст, кој е воведен во оваа учебна година.
Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години, на 10 јуни.
Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од претседателските и парламентарните избори 2024.
Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.
Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни, ќе биде одработена во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.
Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на
министри на ОБСЕ.
За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.
- Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамките на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.
Извор: МИА