Колумна на Наталија Тасевска
Во Македонија ни цветаат рози. Да, да, дури и доцна во октомври кај нас цветаат рози затоа што условите за живот се прекрасни за сите, па и за розите. Сите проблеми ни се решени. Сапун и тоалет има во сите образовни институции, во сите болници и градинки, воздухот ни е чист и свеж, смог над Скопје, Тетово и Куманово воопшто нема, студентските домови имаат прозорци, какви-такви. Само економската состојба малку ни е влошена. Не е тоа затоа што претходната власт крадеше, се задолжуваше и переше пари на прескапи фонтани, туку затоа што пушењето не беше дозволено во кафиќи и ресторани слеш кафани. Токму тоа стои во новиот предлог закон: „Актуелните законски решенија ја влошија економската состојба во Република Македонија, со тоа што поради драстично намалената посетеност на кафеаните, кафетериите, ноќните барови, кафе-баровите, кабареата, дискоклубовите, пивниците и коцкарниците, сопствениците беа принудени да отпуштат дел од постојано вработениот персонал, со што се зголеми и бројот на невработени, што е во спротивност со владините кампањи за отворање нови работни места.“ Да, тоа е главната кочница во економскиот развој на Македонија. Мислам навистина кафеаните во Куманово ни се празни и секогаш има место каде да седнеш затоа што „кутрите“ пушачи не излегуваат, дома се затворија. Ќе градевме европска Македонија, а види нè сега првиот чекор ни е чекор наназад. Од сè што во државава може да се поправа ние ќе ја растураме можеби единствената добра работа што претходната гарнитура на власт ја направи.
Јас нема да ви презентирам факти од типот колку никотин внесува пасивен пушач и колку е тоа во однос на никотинот што го внесува активниот итн. Отворете на интернет, па прочитајте си. Јас само ќе ве замолам да погледнете подалеку од носот. Студено им било на пушачите не можеле на раат кафе да испијат. Излезете пет минути, испушете цигара и вратете се. Ајде децата ќе си ги труеме за на нас да ни е удобно. Секојдневно се бориме јаглен да не гориме. Од сонце струја направивме, некакви си ветерници поставуваме да вртат, затоа што се трудиме да размислуваме години и години нанапред, а не само за нашата генерација и за нашите потреби, ама неудобно ни е да пушиме на ладно, па ајде тоа ќе го менуваме. Европска Македонија. А не, не, чекор по чекор назад кон турското. Кај султанот и кај кадијата и секаде тутун можело да се пуши, абе една економија... И не ми е гајле, пушете што сакате. Не можам само да ви ја сфатам себичноста. Зашто едно е да си пушач, а друго е да си себичен пушач. Отсекогаш бев и ќе бидам против дозволено пушење. Не сакам капутот да ми смрди на цигари, не сакам да се трујам против сопствена одлука. Додека светот се стреми да го намали пушењето цигари, ние се стремиме да го зголемиме.
Игнорирајќи ги придобивките што овој закон ги донесе. Лека-полека луѓето почнаа да го прифаќаат и постепено да се одвикнуваат од цигарите, што всушност и му беше целта. Наместо да ги учиме децата дека пушењето е штетно по здравјето, што впрочем и го пишува на секоја кутија цигари, ние ги учиме да се борат за либерализација на Законот за пушење за на некој да не му е неудобно дури пие кафе. Само немој сопствениците на локалите да не заработат, немој вам да ви е студено. Ние другите океј сме. Трујте нè, што има врска. Како може бизнисот на локалите да е поважен од здравјето на граѓаните. Еве не знам. Само економијата нека оди напред. Либерализирајте, нека се пуши секаде, битно богати да бидеме и невработени да нема затоа што нели овој закон е коренот на сите проблеми. Ако не, нека биде дозволено пушење и во училиштата и во болниците и во библиотеките, секаде нека има посебни простории за пушење. Лекарите нека си имаат посебни операциони сали каде што може да се пуши, затоа што нели никако не сакаме да ги дискриминираме пушачите. Никако.
И етикетирајте ме како сакате, ставете ме во која партија сакате, секогаш ќе бидам против измените на овој закон затоа што сметам дека не се приоритетни. Ќе бидам против и како непушач и како човек, без да сметам дека тоа е дискриминација за пушачите, затоа што како што неодамна рече една Ана, презимето ѝ го заборавив: „Моето право да не ме труеш е поголемо од твоето право да ме труеш“ и крај.
Автор: Наталија Тасевска
Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси.