Дваесет и четиригодишниот дипломец на Кралскиот колеџ за уметност, Рајан Јасин, неодамна ја доби наградата „Џејмс Дајсон“ во областа на индустрискиот дизајн и инженерското проектирање.
Несомнено на Рајан ќе му бидат благодарни многу родители бидејќи неговиот труд е наменет за децата од четири месеци до три години, период во кој децата најбрзо растат, а родителите мора постојано да купуваат облека. Благодарение на колекцијата за детска облека „
Пети Пил“ што ја изработи Јасин – детето ќе може целиот тој период да носи исти панталони, кошули, маици, јакни или комбинизони – од првите месеци до поаѓањето во јасли.
Тајната лежи во посебен синтетички материјал чија структура Рајан ја спореди со оригамите. Ткаенината се собира и се растегнува со растењето на детето, а притоа се задржува во првобитната форма и крој. Облеката е предвидена за активна игра во надворешни услови, бидејќи не пропушта вода, не ги попречува движењата, врз неа не се лепи прашина, дише, отпорна е и одлично поднесува многубројно машинско перење. Згора на тоа, оваа облека е толку компактна, во случај на нужда, може лесно да се соблече и да се прибере во џебот на родителите.
За да ја изработи оваа чудесна ткаенина, на Рајан му беше потребна една година. Според зборовите на младиот креатор, иако сè уште не е родител, има многу активни внуци и затоа многу добро ги разбира проблемите со кои се соочуваат родителите.