Од компаниите во земјава што котираат на берзата, само 3,86 отсто на челните позиции во управните одбори имаат назначено жени, што е поразителна бројка, покажа истражувањето на Здружението на бизнис-жени.
Една третина од компаниите во земјава се формирани и имаат жени на највисоките раководни позиции. Но тоа е само на хартија. Во реалноста, имињата на жените само фигурираат како основачи на компаниите или нивни управители, додека таа функција реално ја вршат нивните сопрузи или некој друг машки член на семејството.
Во земјава нема спроведено официјално истражување за тоа колку жени има на високи менаџерски позиции, како во приватните компании така и во јавните институции. Едно од ретките истражувања на оваа тема го спроведе Здружението на бизнис-жени, кое во соработка со Министерството за економија и Централниот регистар добило одредени бројки поврзани со женското претприемништво.
- Бројот на жени претприемачи, според податоците на Централниот регистар, изнесува околу 33 отсто од вкупниот број компании што се регистрирани во Македонија, а притоа жената е сопственик на минимум 51 отсто од компанијата и/или е нејзин управител. Но, за жал, тоа не е нашата вистинска слика бидејќи многу од компаниите се неактивни или, пак, само фигуративно стои дека сопственик е жена, додека функцијата и работата ја извршува друг член на семејството - вели Валентина Дисоска, претседател на Здружението на бизнис-жени.
Ова здружение пред извесно време спроведе пообемно истражување за бројот на жени на менаџерски позиции, но само во компаниите што котираат на берза.
- За бројот на жени на менаџерски позиции во сите компании во земјава немаме никакви релевантни информации. Нашето истражување беше насочено само на бројот на жени во управните одбори на компании што котираат на берза и притоа ја добивме бројката од 3,86 отсто, што според нас е многу ниска, во суштина, поразителна - вели Дисоска.
Ако се земе предвид фактот дека на Македонската берза котираат 102 компании, тоа значи дека само 4 од нив имаат жени на највисоката раководна позиција.
Дисоска објаснува дека нема ниту официјална бројка за бројот на жени на менаџерски позиции во државните и јавните институции, за што во јавноста се споменува бројката од 12 отсто. Во јавниот сектор жените најчесто се директорки во градинки, училишта и здравствени установи.
- Бројката од 12 отсто жени на менаџерски позиции во државните и јавните институции не е поткрепена со истражување. Но и да е точна, сепак е мала, што укажува на постоење стаклен плафон за жените да се искачуваат на скалилата на успехот - вели Дисоска.
Во време кога во САД една четвртина од менаџерите се жени, а во Европа таа бројка е околу 16 отсто, Македонија не може да се пофали со напредок на овој план.
- Жените во Македонија влегуваат во водите на претприемништвото заради потреба, но не од дадена или видена можност за развој на бизнисот. Затоа и бројот на жени што започнале свој бизнис, според Централниот регистар, е доста висок, дури и за европски стандарди. Но жените на менаџерски позиции, тоа е сосема друга приказна. Тука веќе станува збор за позиционирање, за покажување способности, за борба за позиција. Тоа е слабата страна на нашата жена и токму поради тоа, недостигот на жени на менаџерски позиции е евидентен - завршува Дисоска.
Најголемиот број менаџерки во Србија се викаат Јелена
Во Србија во моментов има 36.359 жени на раководни позиции во приватниот сектор, покажа истражувањето што го спроведе компанијата „Кујб тим“. Според истражувачите, оваа бројка е мал процент во однос на вкупната управувачка структура во земјата, но не наведуваат колкав е тој процент. Најмногу жени на раководни позиции во Србија има во Белград, по што следуваат Нови Сад и Суботица. Интересен податок од истражувањето е дека најчесто име меѓу жените менаџерки е Јелена, па потоа се Марија, Весна, Снежана и Драгана.