Учесниците на конференцијата остварија и меѓусебни контакти, значајни во деловното работење
Во позитивна атмосфера, со многу корисни совети, лични успешни примери, но и шега протече конференцијата „200 Жени претприемачки“, која ја организира „Касиа ивентс“. Освен што имаа можност да слушнат инспиративни и стручни презентери, учесниците на конференцијата остварија и меѓусебни контакти, значајни во деловното работење.
Конференцијата ја отвори министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Раскажа дека се вратила на работното место кога нејзиното бебе имало шест месеци.
- Го носев на работа со мене, спиеше кај мене во канцеларија. Ние имаме дури и повеќе обврски од мажите. Кај жените постојат бариери во работата, како да не се дел од масата. Но, во поново време, женските тимови успеваат. И многу ми е драго што оваа конференција се одржува токму за време на кампањата „Слушни ја - 16 дена активизам против насилство врз жени и девојчиња“ - рече Царовска
Позитивни пораки упати Мерсиха Смаиловиќ, правничка и магистранд по меѓународно право, која повеќе од 11 години е косопственичка на финансиско-правен консалтинг, но повеќе се идентификува како граѓанска активистка, борец за човекови права, хуманистка, глас на безгласните - невидливите, во нашето општество.
Рената Наумовска, специјалист за комуникации во македонската компанија за анимација и продукција на визуелни ефекти ФХ3Х, меѓу другото, говореше за страв од јавен настап, а сподели и корисни совети и техники за себесвесноста, соочување со стресот...
- Жените како да не се во состојба да прифатат комплимент оти мислат дека не го заслужуваат. Ако, на пример, ѝ кажете на некоја дека ѝ е убав фустанот, може да изреагира со: „Леле одамна ми е“. Сите можеме негативното да го претвориме во нешто позитивно, да се прифатиме себеси какви што сме. Јас сериозно се сакам себеси. Оттука почнува она да ве сакаат другите - вели Наумовска.
Таа советуваше жените да научат да си простуваат ако нешто не е идеално направено и секојдневно да запишуваат што им се допаѓа кај себе.
- Најдете си нешто позитивно кај себе. Најдете три карактеристики што ви се допаѓаат и запишете ги. Многу често си кажуваме лоши работи за себе, па добро е да ги запишеме убавите - рече Наумовска.
Биба Додева од Здружението за борба против ракот „Борка“ истакна дека храброст е да избереш да се бориш. Зборуваше за соочување со болест и загуба на драги луѓе.
- Стравот е нормална состојба, но успех е да го канализираш низ нешто друго, да се издигнеш над болката - рече Додева.
Инспиративен за присутните беше и Швеѓанецот Томас Бјорге, коосновач на „Моментум метод“, што е комбинација од алатки дизајнирани како основа за истакнување на перформансите и успехот, НЛП-тренер. Лидија Марковиќ-Росати од Србија, претприемач и стратег за перформанси, даде корисни информации и за оние што не се претприемачки, а размислуваат да станат, за тоа како да почнат свој бизнис, што е тоа што треба да го направат. Исто така, важна работа за која зборуваше е промената на свеста за парите,
Меѓу другите на конференцијата зборуваа Марија Радојчиќ, претприемачка, Даница Личанин-Блажеска, сопственик и генерален менаџер на „Рептил“, Снежана Савиќ-Димовска, менаџер за правни работи во „Пивара Скопје“...
Во својата презентација Коста Петров, еден од најпродаваните македонски автори и основач и извршен директор на „Пи Ворлд“, се фокусира на предизвиците со кои се соочуваат претприемачите во светот.
- Многумина ме прашуваат која е тајната на нашиот успех во 40 земји во светот. Секогаш им одговарам - упорноста. Во свет кој постојано се менува и големи мегабрендови се заменети со компании што се создадени во гаражи, само упорноста може да ве доведе до успехот – рече Петров.