На денешен ден пред 10 години Тоше Проески го одржа својот последен концерт на Градскиот стадион во Скопје. Ѕвезденото небо кое таа вечер го доби од присутните на концертот дури и него го остави без здив.
„Не можам да ви ја опишам глетката“, пресреќен зборуваше Тоше, додека пееше. Во негова чест, бројните обожаватели секоја година на овој ден организираат дружење на кое повторно прават „ѕвездено небо“. И вечерва, тие ќе се соберат на Градскиот плоштад во Скопје. Фан-клубот „Тоше Проески“ и Фондацијата „Тоше Проески“ вечер од 20 часот го организираат музичкиот хепенинг „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше". На настанот ќе биде промовирана нова песна од Тоше, со наслов „Light the Flame“, која ќе биде најава за нов албум снимен во Лондон.