Најголемиот дел од вработените во градинките во Македонија се жени. Воспитно-образовниот процес е суштински процес во едно демократско современо општество, детските перцепции за родовите се појавуваат уште од најрана возраст, па оттука се поставува прашањето каква слика им се дава на децата со претставување ваков концепт и родов јаз на вработените во градинките. Во ред ли е основата во развојот, социјализацијата и образованието да ја имаат без присуство на машки пример...
Градинките по некое непишано правило им припаѓаат на жените. Учителки, негувателки, педагози, сметководителки, директорки... речиси сите полиња се пополнети со жени. Простор кој комплетно е отстапен на женскиот свет...
Со текот на годините е направена феминизација на учителската професија, со што се врши стереотипизација на воспитните улоги во општеството.
Родова стереотипизација од најрана возраст
Причините лежат во поврзувањето на негувателската професија со мајчинскиот инстинкт. Потоа ниските плати и неатрактивно промовираната професија, неможноста за кариерно напредување...
Воспитно-образовниот процес е суштински процес во едно демократско современо општество, детските перцепции за родовите се појавуваат уште од најрана возраст, па оттука се поставува прашањето каква слика им се дава на децата со претставување ваков концепт и родов јаз на вработените во градинките. Во ред ли е основата во развојот, социјализацијата и образованието да ја имаат без присуство на машки пример...
Унапредувањето на родовата еднаквост е од клучно значење за општеството. Родовите експерти потенцираат дека од суштинска важност е да се прикаже во воспитно-образовниот систем еднаква застапеност на двата пола во професија која содржи интелектуални, но и грижливи, односно негувателски аспекти. Со тоа би се намалила стереотипизацијата за жената како одгледувач, воспитувач и негувател на семејството. И би се создала здрава основа за развој на едно модерно демократско општество.
Учителската професија е потценета
Симона Сарделиќ-Биок, родов експерт, пред неколку години правеше анализа на тема „Намалување на родовиот јаз во воспитно-образовниот процес како основа за идни родово сензитивни генерации“. Според неа, во нашата земја, но и во меѓународни рамки постои феминизација на учителската професија. Уште од најмала возраст во градинките децата се соочуваат со стереотипизација на родовите улоги и добиваат слика дека тоа е исклучително женска професија.
- Оваа слика потоа се рефлектира и во секојдневниот живот и воспитната улога, грижата за децата и домаќинството, како и грижата за образованието на децата, покрај сите домашни обврски, се префрла на мајката, односно жената. Оваа стереотипизација потоа раѓа нова стереотипизација која го обележува целото општество и животот воопшто. Тоа е така бидејќи учителската професија е потценета, за разлика од минатото кога била исклучиво машка и даскалите уживале огромен углед во своите средини. Денес, за жал, е ниско платена работа, без некаква особена можност за кариерен развој и унапредување, потценета, што никако не се совпаѓа со улогата на мажите да бидат столб на семејството и да имаат поголем придонес во домот - вели Сарделиќ-Биок.
За ова да се промени, потребни се афирмативни мерки, пред сè, на педагошките факултети, насочени кон мотивација на помалку застапениот пол, во овој случај машкиот, но и на подобрување на квалитетот на образованието и повторно издигнување на фелата на пиедесталот во нашето општество, каде што ѝ е местото, што ќе ја направи атрактивна и за двата пола еднакво, вели таа.
- Истовремено, модернизацијата на образованието и реформите на образовниот систем треба да го земат предвид концептот на родова еднаквост преку профилирање родово сензитивни кадри, но и родово сензитивни содржини и родово сензитивен јазик во учебниците - додава Сарделиќ-Биок.
Родовиот јаз е сè подлабок
Невладината организација „Реактор - Истражување во акција“, која работи на унапредување на родовата еднаквост и дел од заложбите на организацијата се фокусираат токму на неплатениот труд на грижата и активноста на жените на пазарот на трудот, исто така, потврдува дека најголемиот дел од вработените во градинките во Македонија се жени.
- Последните официјални податоци од Државниот завод за статистика (2018 г.) покажуваат дека во земјава, во сите установи за згрижување и воспитание на деца работат вкупно 4.330 жени и 381 маж. Додека бројот на вработени во градинките се зголемувал со текот на времето, родовиот јаз меѓу вработените останал речиси непроменет во последната деценија. Ова покажува дека навистина постои голема родова поделба на згрижувачкиот и воспитниот кадар во овој сектор. Тоа може да даде некаква перцепција/слика дека жените се оние што се природно надарени и задолжени да бидат на овие позиции. Мајчинскиот инстинкт има улога во создавањето на оваа слика, но во суштина овој т.н. инстинкт се искористува и служи за оправдување на поголемиот број вработени жени во градинките во споредба со мажите - ни изјавија од „Реактор“.
Неплатена и непросперитетна професија за мажите
Една од реалните причини поради кои поголем број жени се застапени во оваа професија е поради тоа што овие позиции се помалку платени. Имено, платите на негувател(к)ите се движат од минималната 14.934 денари до 24.000 денари, информираат од „Реактор“.
- Дури и највисоката плата на позицијата негувател/ка е под просечната плата во државата. Друга причина е традиционалната и патријархална средина во која живееме, во која родовите стереотипи и поделбата на родовите улоги сè уште се присутни. Патријархалните ставови, зацврстени преку практиката жената да биде онаа што секогаш се грижи (се грижи за семејството и децата, се грижи за домот итн.) водат кон поделеност на перцепцијата за тоа што се „машки“, а што „женски“ професии и влијаат врз изборот на професија уште од најмала возраст - потенцираат од организацијата.
Меѓутоа, оваа поделеност на машки и женски професии во најголем дел од случаите е целосно неоправдана и единствено служи за продлабочување на родовите нееднаквости во општеството.
- Токму поради ова, битно е да се менуваат ваквите перцепции кај децата, и тоа не само во градинка, туку и во домот. Позитивните примери на еднакво поделена работа и грижа во домот меѓу родителите, во комбинација со намалување на родовиот јаз во структурата на вработените во градинките, меѓу другото, ќе им понудат на децата подобра претстава за сопствениот избор во животот и од професионален аспект, но и од аспект на унапредување на еднаквоста во нашето општество - додаваат од „Реактор“.