На 4 април 1904 година во 10 часот и 2 минути во епицентралното подрачје Пехчево-Кресна почнала серијата на силни земјотреси, каде што во 23 минути се случиле 4 земјотреси со локална Рихтерова магнитуда поголема од 5, меѓу кои и најсилниот со магнитуда ML=7.5 и интензитет во епицентарот Io=X степени според Европската макросеизмичка скала. Епицентрите на овие земјотреси биле помеѓу Пехчево (Македонија) и Кресна (Бугарија), во близина на с. Крупник (Бугарија).
Следувале уште 3 земјотреси со магнитуда поголема од 5, истата година во април и август, додека следната година 1905 уште 2 земјотреса во септември и октомври со магнитуда исто поголема од 5. Главниот земјотрес бил регистриран од 54 сеизмолошки станици низ светот, додека првиот земјотрес од серијата бил регистриран од 47 станици (Ambraseys, 2001). Главниот земјотрес бил регистриран дури и од станицата во Осака, Јапонија. Денеска најголемиот дел од овие записи (сеизмограми) се изгубени, оштетени или неупотребливи. Од главниот удар на овој земјотрес е зачуван само еден употреблив сеизмограм снимен од станицата во Лајпциг, Германија (Слика 3а) и еден од станицата во Букурешт (Слика 3б) за земјотресот кој се случил после главниот удар на 10 април 1904 година со Рихтерова локална магнитуда ML=5,7 и епицентрален интензитет од Io=VII степени според EMS-98.
Земјотресот Пехчево-Кресна бил широко почувствуван во регионот. Го почуствувале и жителите на тогаш поголемите градски средини како Софија, Солун, Битола, Скопје и др., што може да се види од картата на изосеисти (Слика 4).
За него пишувале и тогаш најпознатите регионални весници. Првичните информации за погодениот регион биле релативно ограничени и дошле од страна на група австриски инженери кои работеле на одржување на патот по должината на реката Струма, ангажирани од страна на Отоманската Империја и од некои дипломатски извори.
Во периодот 1965-1970 год. е направен обид да се соберат информации од сеќавањата на локалното население што го преживеало овој земјотрес. Собраните информации не се од особена вредност бидејќи најголем дел од локалното население кое го преживеало земјотресот се иселило веднаш по самиот земјотрес или за време на размената на население после балканските војни (1912-1913). Денес не може да се најде точна или приближно точна информација за бројот на жртвите во овој земјотрес. За Пехчево се знае дека најголемиот број жртви и повредени (12 жртви во градот и 38 во непосредната околина; и околу 100 повредени) се предизвикани од предземјотресот. За време на главниот удар скоро сите мештани биле надвор од објектите.
Прочитај повеќе на
ОВОЈ ЛИНК
Целосната вест е објавена во ПОРТА3, бр. 260, септември 2017, стр. 38-41.