Истражувачите од проектот SHARE, финансиран од Европската Унија, на мапа покажаа кои земји се најпогодни за земјотрес. Како што покажува мапата, тоа се Грција, Италија, Бугарија, Романија, Турција и балканските земји.
- Европа има долга историја на разорни земјотреси. Сите се сеќаваме на земјотресите во Измит (Турција) во 1999 година, како и во Лакуила (Италија) во 2009 година - рече професорот Доменико Џардини, координатор на проектот SHARE.
Во Измит, силниот земјотрес со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала однесе над 300 животи и целосно го уништи градот.
За да ја создадат мапата, истражувачите комбинирале податоци од над 30.000 земјотреси низ Европа. Условот бил магнитудите на тие земјотреси да бидат поголеми или барем еднакви на 3,5 степени според Рихтеровата скала, да се случиле од 1000 година наваму и да предизвикале огромни штети.
За да ги соберат податоците, тие користеле достапни податоци на интерактивна мапа на земјотреси AHEAD, а потоа ги споредиле со повеќе од 1.100 активни раседи во Европа кои заедно имаат должина од 64.000 километри.
Европската мапа на сеизмолошка опасност го покажува очекуваното движење на земјата или 10 отсто можност тоа да биде надминато за 50 години. Сината означува дека е регион со ниска опасност, жолтата и портокаловата дека е регион со средно ниво на опасност, додека црвената укажува на големо присуство на опасност во одредени региони.
Црвената зона се однесува на југоисточниот дел на Европа каде што земјотресите се почести и предизвикуваат поголеми штети. Овие региони имаат 10 отсто поголеми шанси да доживеат земјотрес во следните 50 години.
- Оваа мапа многу ќе им значи на градителите на различни згради, особено катедрали, облакодери и мостови - рече д-р Артур Пинто, раководител на Европската лабораторија за структурни процени.
- Сеизмичката опасност не е само пресметка на веројатноста дека некој настан ќе се случи некаде во Европа во одреден временски период. Во нашиот проект, сеизмичкиот ризик се однесува на веројатноста за штети што сеизмичките настани можат да ги предизвикаат во општеството - изјави професор Џардини.
- Умерен земјотрес во густо населен дел на Европа или во област со кревка инфраструктура, како што се гасоводи, може да направи голема штета - рече тој.
Ова беше испитано подетално од проектот SINER-G финансиран од Европската Унија, кој разви софтверска алатка за анализа на ранливоста и разработување на социјалните и економските влијанија од земјотресите во одредени урбани области, како што е пристаништето во Солун во Грција, од крајот на 2013 година.
Ова е важно за геолозите, сеизмолозите и инженерите кои се дел од проектот STREST бидејќи овозможи заеднички начин на процена на ризик за клучните инфраструктури и идентификација на згради кои доколку се оштетат при земјотрес, ќе имаат најголемо влијание врз општеството.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik