Оние што одлучиле помеѓу сопствената смрт и
смртта на своето дело да го изберат второто, привлекувале исто внимание како и уметниците самоубијци.
Кафкините дела спасени благодарение на пријател
Франц Кафка дел од своите дела ги запалил. За нив се знае многу малку, но благодарение на неговиот пријател Макс Брод, денес ги читаме романите и расказите (па и писмата) кои ги чекала иста судбина. Објавените и необјавените раскази, романи, дневници, Кафка му ги оставил на својот најдобар пријател со посветата: „Најдраг Макс, ова е моето последно барање: Сè што ќе оставам зад себе... во облик на дневници, ракописи, писма (мои и туѓи), скици и така натаму, да биде запалено и непрочитано“.
Меѓутоа, Брод имал доволно разум, па одлучил да не го послуша пријателот, да го прекрши тестаментот и да придонесе во светската книжевност, објавувајќи сè што му оставил Франц Кафка во периодот од 1925 до 1935 година. Бегајќи од нацизмот кој бил во подем, Брод со себе во Палестина понел ковчег со хартии кои не биле подготвени за издавање.
Последната љубов на Кафка, Дора Дијамант, сочувала 20 бележници и 35 писма кои подоцна ги конфискувал Гестапо. Биографите до ден-денес бараат дел од тие списи.
Недовршената лебедова песна на Владимир Набоков
Болен и немоќен, згрижен во болница во 1977 година, Набоков се обидувал да го доврши своето дело „Оригиналот на Лаура“, a, од друга страна, се простувал од своето дело, предвидувајќи му недовршена судбина.
Авторот на безвремената „Лолита“ не успеал да го доведе докрај „Оригиналот на Лаура“, па на својот син му оставил аманет и желба да го уништи ракописот. Но, сепак, синот на Набоков одлучил, по 30 години од смртта на татко си, да го објави овој ракопис. По повеќегодишно размислување дали да му ја исполни последната желба на својот татко или да ги облагороди со уште едно уметничко дело генерациите што доаѓаат, Дмитри одлучил да им угоди на живите.
Сликарските разочарувања на Клод Моне
Внатрешниот распад, незадоволство од делото, а донекаде и конфликт со сопственото его, понекогаш води до она што му се случило на големиот сликар Клод Моне во 1908 година.
Имено, откако со години ја подготвувал изложбата на слики работени во посебна техника, со значително водени површини во изразот, Моне се уморил пред наездата на внатрешните сили. Како што своевремено говорел Есенин, дека за запознавањето со себе потребно е да се разговара лично со смртта, многу уметници одлучувале да поразговараат макар со смртта на нивното дело.
Наместо отворање на изложбата, Моне зел нож и четка и буквално избол 15 свои слики.