X
 23.09.2019 Живот

Регионот кој се уништува побрзо од Амазонија е дом на 5% од животните и растенијата на планетата

Пожарите што ја зафатија Амазонија годинава им го привлекоа вниманието на целиот свет и на лидерите. Причината е уништувањето на еден од клучните предели за апсорпција на јаглеродниот диоксид, што е клучен фактор во борбата против глобалното затоплување. Со пожарите исто така се уништуваат и домовите на автохтоните заедници.

Меѓутоа, само неколку километри подалеку, во другиот дел на Бразил се наоѓа подрачје кое е дом на околу 5 отсто од сите животни и растенија на светот. Тоа подрачје моментално се уништува со многу побрзо темпо. Брзилското Серадо - мозаична средина составена од савани, прерии и шуми, е биолошки најразновиден таков регион, а покрива површина од 200 милиони хектари.

- Се претпоставува дека во тоа подрачје живеат 837 вида птици, 120 вида рептили, 150 вида водоземци, 1.200 вида риби, 90.000 вида инсекти и 199 вида цицачи - вели Мерседес Бустаманте, биолог на Универзитетот во Бразилија.

Повеќе од 4.800 вида се ендемични, а од 11.000 растителни видови во Серадo речиси половина не можат да се најдат никаде на друго место.

Серадо по површина е на половина од Амазонија, а повеќе од 50 отсто од површината се погодени од дефорестација.

- Губиме повеќе од 700.000 хектари годишно - вели Оливеира Роса од Светскиот фонд за природа - Бразил.

Од 2001 до 2018 година Бразил изгубил повеќе од 53,8 милиони хектари шумска покривка, што е површина повеќе од двојно поголема од Обединетото Кралство.

Фото: CNN

Како што се случува со Амазонија, подрачјата Серадо исто така се уништуваат поради сѐ поголемата глобална побарувачка за месо - за да се создадат ранчови, но и површини на кои би се одгледувала соја, која служи или за прехрана на стоката или за извезување.

Дефорестацијата не е ништо ново и не се случува само во Бразил. Но, како што расте побарувачката за месо и со оглед на тоа што Кина се свртува кон Бразил за увоз на соја поради економската војна со САД, експертите се плашат дека земјоделскиот бум во Бразил ќе доведе до уништување на Серадо.

Според податоците на иницијативата ТРАСЕ, која ги следи синџирите за набавка, минатата година Бразил, Аргентина и Парагвај произвеле 50 отсто од светското производство на соја, наспроти само 3 отсто пред 50 години.

- Во последните 10 години поголемиот дел од таа експанзија се случи токму во Серадо. Сега баш и не остана многу од Серадо - вели директорот на иницијативата, Тоби Гарднер.

Проблем е и тоа што Серадо е под помала заштита во споредба со амазонската прашума. Повеќе од 50 отсто од површината на Амазонија е заштитена, додека тоа е случај со само 8 отсто од површината на Серадо.

Како што е случајот со уништувањето на Амазонија, така и уништувањето на Серадо е проблем за битката против глобалното затоплување. Имено, Серадо во своите длабоки корени собира огромни количини на јаглероден диоксид.

- Станува збор за шума, но на друг начин. Станува збор за шума наопаку, каде што поголемиот дел од биолошката маса е под површината на земјата - вели Роса.

Според податоците на „Гринпис“, останатата оригинална вегетација во регионот може да апсорбира околу 13,7 гигатони јаглероден диоксид, но тие бројки со дефорестацијата постојано опаѓаат. Со тоа се поттикнува глобалното затоплување бидејќи се намалува апсорпцијата на јаглероден диоксид од атмосферата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот