X
 17.10.2017 Живот

Кој и зошто треба да се вакцинира против грип?

Сезоната на грип очигледно почна, иако вирусот не заразува масовно. Кај лекарите, како што информираат од Институтот за јавно здравје-ИЈЗ, побарале помош тројца пациенти со симптоми на грип и се водат како заболени. Од среда почнува вакцинацијата против овој вирус. Набавени се 28.000 вакцини, а една ќе чини 400 денари. Лекарите препорачуваат да се заштитат особено оние со хронични болести и со намален имунитет. 


фото извор: Abscent/Shutterstock

Вакцината – најдобра заштита

Вакцините ќе се даваат во центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици.
- Нарачани се тритипни вакцини за оваа сезона (Influvac, производство на Abbot, Холандија)– велат од ИЈЗ.
Од скопскиот центар за јавно здравје објаснуваат дека не пречи тоа што се појавил вирусот, а вакцинацијата допрва ќе се одвива.
- Сепак, ова се мал број случаи на пациенти што имале симптоми на грип. Уште лабораториски не е потврден вирусот. Не е проблем да се прими вакцината - велат од центарот.

Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнале 11 примероци материјал за лабораториско тестирање на грип и сите се негативни.
- Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита од ова заболување. Затоа Институтот за јавно здравје дава препорака за целото население, особено за лицата со хронични заболувања и лицата со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот центар за јавно здравје или подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип – велат од Институтот.

Заштита на другите?

Вакцината за грип не е задолжителна. Во Македонија вообичаено вакцини примаат ризични групи граѓани, па нивниот број за набавка се определува според стручна процена за тоа колку ќе требаат.

Антивакциналната кампања која е актуелна и кај нас и во светот не ги поштедува и овие вакцини, обележувајќи ги како штетни и непотребни. Но, за разлика од противниците на вакцините, многу лекари потсетуваат дека грипот може да биде кобно заболување за оние што се веќе болни зашто може да направи компликации на здравјето или да ја влоши состојбата со болеста што ја имаат. Минатата година поради грип починаа двајца.
Лекари и епидемиолози препорачуваат широка вакцинација против вирусот, не само за оние за кои се смета дека се во ризична група.
Во една од последните анкети во САД за вакцинирање против грип 48 отсто од испитаниците одговориле дека не планираат да се вакцинираат бидејќи мислат дека немаат потреба од такво нешто.

- И тие имаат право исто онолку колку што имаат право другите кои велат дека ќе се вакцинираат од грип. И здрави луѓе можат да умрат од грип, но поголемиот дел не. Kоја е целта на вакцинирањето ако вакцините не даваат целосен имунитет? Не треба да се вакцинирате против грип за да не се разболите од грип, туку за да ги заштитите другите да не се разболат од грип - пишува интернет-изданието на американскиот магазин „Популар сајанс“, еден од најстарите магазини во САД, како и еден од најцитираните за најновите трендови во светот на науката.
Станува збор, објаснуваат оттаму, за колективен имунитет, за кој особено многу зборуваме кога се работи за морбили или за рубеола, но тие не се шират толку во сезона на грип.

Кој може да прими вакцина?

Сезоната на грипот претставува опасност за неколку категории луѓе: повозрасни лица, лица со нарушен имунитет, трудниците и многу мали деца. Со други зборови, тоа се категории луѓе кај кои последиците од грипот можат да бидат огромни.

- Децата до 6-месечна возраст и луѓето со тешко намалување на имунитетот (се мисли на оние што се на хемотерапија или имаат хронични имунолошки болести) едноставно не може да примат вакцина против грип. Кога тие би се вакцинирале, нема да добијат „само боцкање“ против грип со грип, туку едноставно ќе се разболат од грип. И што е уште полошо, кај тие луѓе најверојатно ќе се појават сите нуспојави од грипот за кои здравите не треба да се грижат. Но, треба да се знае дека тоа, сепак, не важи за сите оние со намален имунитет бидејќи голем дел од нив имаат добар функционален систем и со таков систем вакцината кај нив штити од смртоносните последици од грипот. Имунолошкиот систем кај повозрасните логично е намален и кај нив вакцинирањето е помалку ефективно – пишува „Популар сајанс“.

Една од последните студии направени во Англија и во Велс покажала дека вакцинирањето на младите е поефикасна стратегија за заштита на старите од грип отколку самото вакцинирање на тие постари лица.

- Само дел од бремените жени можат да се вакцинираат против грип бидејќи грипот често предизвикува треска која може трајно да го оштети фетусот кој расте.
Старите луѓе во старските домови многу често умираат од последици од грип, а многу ретко излегуваат надвор низ град и најмногу се дружат само меѓу себе. Кај нив грипот го донел некој однадвор, кога им бил во посета. Токму поради тоа е важен колективниот имунитет, бидејќи така на грипот му се отежнува ширењето. За да дојдеме до фаза кога грипот нема да се шири или тешко ќе се шири поради силниот колективен имунитет, треба 80-90 отсто од населението да биде вакцинирано против вирусот – се вели во објаснувањето на „Популар сајанс“, со кое се согласуваат и македонски епидемиолози.
Подготвил: Н.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот