Речиси 50 отсто од децата во градинките во Скопје не се вакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис, а во внатрешноста од земјава над 95 отсто од дечињата се вакцинирани, информира денеска директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат, Рената Младеновска.
Како што рече таа, ДСЗИ ги контролира и приватните градинки.
Фактот што околу 50 отсто од децата се невакцинирани или нецелосно е поразувачки. Податоците се од списоците што биле доставени вчера до ДСЗИ од градинките, а акцијата ќе продолжи.
Од вчера ДСЗИ врши надзори низ градинките и издава решение за забрана за примање деца кои се невакцинирани или нецелосно против пертусис.
-Директорите ни дадоа уверување дека ќе ја почитуваат, а за тоа ќе провериме во текот на денов и во наредните денови - рече Младеновска.
Мајка на шестгодишно дете од општината Карпош за МИА изјави дека утрово од градинка во оваа скопска општина биле враќани деца кои не биле целосно вакцинирани против пертусис (голема кашлица).
Извор: МИА