Кога се појавува нов патоген, нашите тела стануваат ранливи. Во овие времиња итно е потребна вакцина за да се добие колективен имунитет и да се загубат што помалку животи. Колку брзо може да се направи една вакцина?
Создавањето вакцина генерално може да се подели на три фази: истражување, клиничко тестирање и производство. Овој процес трае просечно 15 до 20 години во регуларни услови. Но за време на пандемија истражувачите користат стратегии за побрзо минување низ фазите.
Лабораториите работат на повеќе модели за развивање вакцина во истражувачкиот период за да добијат брзи резултати. Ваквата стратегија доведе до развивање на првата вакцина за вирусот зика, подготвена за тестирање за само 7 месеци и првата вакцина за Ковид-19 подготвена за тестирање за само 42 дена. Сепак, иако вакцината е подготвена за тестирање, тоа не значи дека ќе биде успешна.
Фото: YouTube
Следната фаза најчесто е најдолга и најнепредвидлива во развивањето на една вакцина. Во фазата на тестирање се гледа дали вакцината е безбедна и ефективна, се одредува нејзината доза и се откриваат потенцијалните негативни реакции кај населението. Најтешко е да се забрза оваа фаза. Во екстремни случаи истражувачите работат на повеќе тестирања истовремено, но сепак треба да се почитуваат критериумите за безбедност пред да се продолжи.
Понекогаш истражувачите работат со претходни вакцини за забрзување на процесот, односно адаптираат вакцини за други болести. Во 2009 г. истражувачите ја адаптирале вакцината за сезонскиот грип за третирање на свинскиот грип, создавајќи вакцина за само 6 месеци. Но оваа техника функционира само кога има добра вакцина за познати патогени.
Регулаторните агенции треба да ги проверат и одобрат истражувањата за
вакцината на крајот од оваа фаза. Потоа следува производството. Компаниите што ги произведуваат вакцините мора да бидат дизајнирани паралелно со истражувањето и тестирањето.
Во иднина се претпоставува дека сите процеси ќе бидат забрзани со наоѓање метод за промена на генскиот материјал во постојните вакцини. Но дотогаш, најдобрата стратегија е лабораториите низ светот да соработуваат и да работат на различни техники за да се добие вакцина во најбрз можен рок.