Сигурно ви се случило многу пати да останете будни до доцна, да се подготвувате за тестови или испити, па сте практикувале учење на голема количина информации одеднаш и неспиење. Колку би било полесно кога би знаеле како да учиме ефективно?
Компанијата „Инер драјв“ од Велика Британија поттикнала иницијатива за спроведување релевантни истражувања преку кои се утврдуваат практичните совети за наставниците што ќе им помогнат да ја подобруваат меморијата на своите студенти. Се истражувало во областа на когнитивна и едукативна психологија да се пронајдат најдобрите пристапи што се користат за учење и паметење информации. Истражувачите евалуирале 10 техники кои лесно можат да бидат совладани од учениците и од наставниците, а 2 се покажале како најефективни: практично тестирање и дистрибутивна практика.
Практично тестирање
Тестирањето е една од најдобрите техники за утврдување на знаењето. Преку него се потсетуваме на внесените информации. Тестирањето бара да ги откриваме и организираме информациите, а можеме да го спроведуваме на различни начини – прашања со кратки одговори, есеистички одговори со објаснување, со заокружување на точниот одговор и слично. Формата на практиката може да биде различна, по избор на оној што учи или го пренесува знаењето.
Дистрибутивна практика
Ако планирате да потрошите 8 часа на учење одреден материјал, тогаш подобро ви е да го дистрибуирате материјалот во неколку дена отколку да реализирате долга сесија на учење. Исто така, добро е да ги поделите лекциите во неколку дела, а по учењето на секој дел да направите солидна пауза.
Во ефективната категорија на техники за учење спаѓа и елаборативното испрашување.
Елаборативно испрашување
Многу е непријатно кога откако давате одговор на некое прашање, повторно ви се поставува прашање, а тоа е „зошто?“ Но, оваа практика го тера оној што учи да генерира и да објаснува наместо само да наведе факти, па со тоа се олеснува интеграцијата на нови информации со приоритет. За да функционира оваа техника, секако е потребно високо основно знаење. Колку повеќе оној што учи може да ги процесира и сличностите и разликите помеѓу поврзаниот материјал, толку подобро ќе ги запамети информациите.
На крајот постојат 2 техники кои најверојатно учениците ги користат најчесто, но тие се најмалку ефективни:
Повторно читање
Ова многу се користи кај студентите, но нема доволно студии што го потврдуваат квалитетот на техниката. Па така, повторното читање може да помогне во потсетувањето на главните идеи од материјалот, но не и на деталите.
Потенцирање/отфрлање на „неважното“
Боење на важните делови, подвлекување на најважните реченици, е најпопуларна техника кај учениците. Во теорија, ова би требало да помогне во потсетување на сето она што сте го забележале како важно и главно, но студиите покажале дека полесно се паметат информации што на некој начин се издвојуваат од другите, без разлика дали сте ги подвлекле со маркер. Овој начин иако може да помогне во запаметување на одредени информации, позитивниот ефект од оваа техника е ограничен. Учењето на ваков начин само помага во складирање одредените информации, односно не е комплетно совладување на материјалот.
Експертите ги советуваат учениците освен применувањето на овие
техники, да се погрижат и за средината и физичката состојба. Доволен и квалитетен сон и хидрирање на организмот се клучните компоненти за мозокот.