X
 18.10.2017 Наука

Науката во заблуда: можеби грешам кога велам дека сум во право


Споменик
(Фото: Pixabay)


Заблудите се насекаде околу нас и понекогаш е многу тешко да разграничиме што е вистина, а што заблуда. Без оглед што некои факти изгледаат неверојатно, ако се научно докажани – мора да се прифатат; исто како што понекогаш чистата логика и искуството можат да нѐ одведат во погрешна насока. Најтешко е разграничувањето на мистификацијата и псевдонауката од утврдените факти, но уште поинтересно е сознанието колку многу големи и признаени научници и гении биле во заблуда.

Еве неколку интересни примери:

Флогистрон  
 

Јохан Јоаким Бехер, алхемичар, во 1669 година тврдел дека огнот го предизвикува елемент наречен – флогистрон. Сметал дека сè што е запаливо ја содржи оваа материја и дека единствена можност за гаснење на тој оган е да се остави да догори до пепел. Неговата теорија била актуелна речиси еден век, сè додека Џозеф Пристли не го открил кислородот, па сите дилеми околу согорувањето станале појасни.

Теорија на зрачење

Колку и да звучи неверојатно, кога се зборува за оваа научна заблуда, во светот сè уште постојат луѓе што веруваат дека е вистина, исто како и великаните на нашата историја. Имено, паметните луѓе, од Платон, преку Евклид, па сè до Птоломеј, верувале дека сето она што го гледаме всушност е предизвикано од зрачењето на нашите очи, дека тие емитираат светлина, додека науката го докажала токму спротивното.

Оваа заблуда владеела речиси десет века. Она што е најинтересно е резултатот од истражувањата од 2002 година, кој покажал дека дури 67 проценти од студентите биле убедени дека очите емитираат светлина, а не дека ја примаат.

Мајчински впечаток

До дваесеттиот век повеќето лекари верувале дека она што бремената жена ќе го помисли или искуси е главната причина за разни оштетувања кај детето. На пример, ако жената во текот на бременоста види човек без рака, тоа може да предизвика раѓање на дете без рака. Оттука, пред сто години постоело верување дека физичките деформитети кај Џозеф Мерик, познат како човекот-слон, биле предизвикани од настанот кога неговата мајка во текот на бременоста се уплашила од циркуски слон.

Спонтано создавање

Според Аристотел, црвите што излегувале од месо во распаѓање биле вистински доказ дека животот може да се создаде случајно. На почетокот на 19 век белгискиот научник Јан Баптисан ван Хелмонт тврдел дека поседува „рецепт за создавање глувци“. Според таа рецептура, на валкан килим требало да се стават неколку зрна пченица и точно за 21 ден „се создавале“ глувци.

Теорија за смрдеа


Сè до средината на 19 век постоело мислење дека непријатните миризби всушност се отровни „испарувања“ од гнилеж кои предизвикуваат разни болести. Таквото верување било дел од официјалната наука сè до откривањето на микроорганизмите, кои биле посочени како извор на разни заболувања.

И кога во втората половина на деветнаесеттиот век биле утврдени постоењето и улогата на микробите, светот бил зачуден, затоа што новата теорија говорела за постоење на еден сосема невидлив свет. И не само што населението, главно необразовано, било во шок и изненадување, туку и многу лекари жолчно расправале за „нужноста“ од миењето раце.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука