Кина официјално го пушти во промет новиот воз кој не се движи по шини, туку по виртуелна пруга.
Возот е претставен во јужната провинција Хунан и е долг 32 метри, се движи на електрична енергија, а може да прими 307 патници, објави државната телевизија ЦЦТВ.
Наместо челични тркала, возот, кој е наречен АРТ (
Autonomous Rapid Transit), има гумени тркала прицврстени за пластично јадро, а целиот систем е поврзан со посебна технологија за управување.
Кинезите го нарекуваат „првиот паметен воз“, а возилото е комплетно автономно, односно нема класичен возач. Се очекува во иднина линиите и возовите да бидат целосно автоматизирани.
Полесно се движи по улиците од автобус, а достигнува брзина од 70 километри на час.
Дизајнерите истакнуваат дека овој воз е значително поевтин од подземна железница, чија изградба чини меѓу 400 и 700 милиони јуани по километар, или меѓу 60 и 100 милиони долари.
Од друга страна, системот АРТ чини околу 15 милиони јуани (2,2 милиона долари) по километар и се промовира во моментот кога светските инженери настојуваат да ја модернизираат сообраќајната инфраструктура.