X
 03.11.2017 Живот

Зошто Американките што сакаат да дојат се откажуваат од доењето?

Најновите податоци покажуваат дека мајките во САД не ги дојат своите деца онолку колку што се препорачува иако се запознаени со предностите на доењето во поглед на здравјето на детето.


Околу 81% од мајките на сите држави на САД ги доеле децата, но само 22% од нив своите деца ги доеле 6 месеци – рок кој го препорачала Американската педијатриска академија како минимален и неопходен за доброто здравје на детето. Во 2013 година во светот околу 31% од децата на возраст до 1 година биле доени. Светската здравствена организација препорачува доење до 2 години.

Мајчиното млеко има доста докажани предности, како јакнењето на имунитетот и намалувањето на ризикот од синдром на изненадувачка смрт на доенчето. Некои истражувања покажуваат дека доењето ја подобрува когнитивната функција на детето, но на тие податоци треба уште да се работи. Поради тоа, многу мајки што знаат дека доењето е најдобро имаат план да го дојат детето 1 година или подолго. Но, што е тоа што ги тера да престанат порано?

1. Тешко е, често боли и никогаш не е јасно дали детето добило доволна количина на млеко

За да се избегне болката, треба да му се помогне на детето правилно да цица. Младите мајки особено се соочуваат со дилемата дали имаат доволно млеко. Но, експертите сметаат дека поголемиот број здрави жени успеваат без проблем да произведат доволно млеко дури и за близнаците. Ако доилките имаат рани на градите поради неправилното доење, веднаш паничат и се откажуваат, но потребно е да побараат помош од лекар, па кога ќе ги послушаат советите, да продолжат со правилно доење на новороденчето. Тогаш и самото доење нема да биде напорно и болно.

2. На многу им е пречка измолзувањето во текот на работниот ден

Повеќето од американските мајки се враќаат на работа неколку дена по породувањето, па одлуката да продолжат со доењето значи дека мораат да се измолзуваат. Прво мораат да разговараат со претпоставените за можноста 3 до 4 пати да поминуваат по 15-ина минути во друга просторија и со пумпа да го соберат млекото. За некои тоа може да е непријатно и мачно. Се разбира, може да се заклучи дека периодот кога американските мајки се враќаат на работа е проблематичен.

Сепак, експертите сметаат дека поддршката е важна и за невработените мајки, кога едноставно треба да излезат од дома. Иако законски во повеќето земји е дозволено доењето, социјалните стереотипи и натаму се препрека. Во САД, за жал, не постои платено породилно отсуство, што претставува препрека за доење. Законот за отсуство поради семејни причини им дава на жените можност да добијат 12-неделно неплатено отсуство иако повеќето не го остваруваат тоа право. Неодамна претседателот Трамп предложил да се внесат измени во федералниот буџет и да им се доделат 6 недели платено отсуство на мајките и татковците по раѓањето или посвојувањето на детето. Но, критичарите сметаат дека тие мерки не се доволни.

3. Мајките го прават тоа што е подобро за нив

Кога го родила синот, Данијел Кампоамор работела како слободен писател и менаџер на социјалните мрежи. Никогаш немала отсуство и работела веднаш по породувањето. Вели дека сакала да го дои детето 2 години, а најмалку 1 година. 7 месеци го доела своето дете и се соочила со крајно нетипична ситуација кога доењето во текот на првата година воопшто не е најдобра варијанта за жената и детето. Има случаи кога неопходните ресурси и помош се недостапни или достапни по многу скапа цена. Не се ретки и ситуациите кога, на пример, мајката е инфицирана со ХИВ и тогаш доењето воопшто не се препорачува.

Експертите велат дека луѓето го прават она што според нивното мислење е најдобро за нив и за нивното семејство. Постојат уверливи докази поради кои жените го прекинуваат доењето, па експертите сметаат дека тие не треба да бидат осудени, туку треба да се потрудиме да ги разбереме нивните причини за таа одлука.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот