X
 14.11.2017 Култура

Како Кина се справува со поплавите?

kina

Кина сериозно ги сфаќа последиците од климатските промени. Една од почестите последици од климатските промени се сè почестите и посилни поплави. Ова особено е проблематично за растечките, преполни градови, што ги прави некои региони во Кина поранливи. За да се бори против овој проблем, земјата го следи развојот на „сунѓерести градови“.

Иницијативата „Сунѓерести градови“, лансирана во 2015 година, инвестира во проекти кои се фокусираат на апсорпција на водата од поплавите. Во моментов, сунѓерестите дизајни се тестираат во 30 града, вклучувајќи ги Шангај, Вухан и Ксиамен. Сегашната цел на иницијативата е до 2020 година 80 отсто од урбаните области во Кина повторно да користат најмалку 70 отсто од водата од дождовите.

Триесетте града вклучени во иницијативата добија повеќе од 12 милијарди долари за финансирање на вакви проекти. Сепак, федералната влада обезбедува само 15 до 20 отсто од ова финансирање, додека другите проценти доаѓаат од локалните власти и од приватни инвеститори.

Градот Линганг, во областа Пудонг во Шангај, работи на тоа да стане најголемиот „сунѓерест“ град. Овој напор е поддржан од 119 милиони долари финансирани од градската влада. Досега градот има започнато да сади на покривите, да создава мочуришта (каде што ќе се складира водата од дождот) и да поставува патишта способни за складирање вода.

Создавањето „сунѓерест“ град не е единствен, дефиниран процес. Секој проект е приспособен на својот регион и има цел да ги подобри претходнте техники и да ги надмине тешките предизвици. Стратегиите вклучуваат користење порозни површини и зелена инфраструктура. Концептот има толку голем потенцијал, што и другите градови низ светот, како на пример Берлин, почнуваат да ја усвојуваат оваа идеја.

Зголемените природни катастрофи ќе бидат последица од климатските промени што им се закануваат на сите земји во светот. Сепак, сето ова е само привремено решение, со оглед на тоа што се соочуваме со многу поголем проблем. Експертите предупредуваат дека ако не направиме радикални, глобални промени, човештвото ќе почувствува посилни и потешки ефекти од климатските промени.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура