Научниците веруваат дека го идентификувале најчистиот воздух во светот, без честички предизвикани од човечка активност. Местото каде што е најден најчистиот воздух во светот не е во близина на подрачје населено од луѓе.
Истражувањето на истражувачите од Државниот универзитет во Колорадо открива дека Јужниот Океан околу Антарктикот е местото каде што воздухот е навистина
чист и свеж.
Времето и климата се тесно поврзани, поврзувајќи го секој дел од светот со другите региони. Бидејќи климата се менува брзо поради човековата активност, научниците и истражувачите се борат да најдат агол на Земјата кој не е под влијание на луѓето.
Професорката Сонија Крајденвеис и нејзиниот тим и пред истражувањето сметаа дека воздухот над Јужниот Океан ќе биде најмалку засегнат од луѓето и прашината од светските континенти.
Тие открија дека граничниот слој на воздухот, кој ги храни долните облаци над Јужниот Океан, немал аеросолни честички произведени од човечка активност - вклучително и горење фосилни горива, садење одредени култури, производство на ѓубрива и отстранување на отпадни води или транспортирани од други земји во светот.
Загадувањето на воздухот е предизвикано од аеросоли, кои се цврсти и течни честички и гасови. Истражувачите одлучиле да испитаат што има во воздухот и од каде потекнува, користејќи бактерии како дијагностичка алатка за да се заклучат својствата на долната атмосфера.
Фото: Pixabay
Томас Хил, научник и коавтор на истражувањето, објаснува дека аеросолите што ги контролираат својствата на облаците на Јужниот Океан се силно поврзани со океанските биолошки процеси.
- Се чини дека Антарктикот е изолиран од јужното распрснување на микроорганизми од јужните континенти. Севкупно, Јужниот Океан е минимално погоден од антропогените активности - вели тој.
Научниците заклучиле дека аеросолите од оддалечените земјишни маси и човечки активности, како што е загадувањето или емисијата на почвата предизвикана од промена на користењето на земјиштето, не патувале на југ.
Научниците велат дека резултатите покажуваат огромна разлика од другите истражувања на океаните и во северната хемисфера и суптропните предели, зашто повеќето микроби потекнувале од спротивните континенти.
Во истражувањето научниците ја опишуваат оваа област како беспрекорна.
Загадувањето на воздухот е веќе глобална здравствена криза и убива седум милиони луѓе секоја година, според Светската здравствена организација. Многу истражувања покажуваат дека загадувањето на воздухот го зголемува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар и рак на белите дробови.
Повеќе од 80 отсто од луѓето што живеат во градски области кои го следат загадувањето на воздухот се изложени на нивоа на квалитет на воздухот што ги надминуваат границите на насоките на СЗО, а земјите со ниски и средни приходи страдаат од најголема изложеност.
Сепак, како што покажаа истражувањата, загадувањето на воздухот може да ги премине географските граници и да влијае врз луѓето што се стотици километри оддалечени од местото каде што потекнува самото загадување.