Го гледав филмот „Медена земја“ на отворањето на фестивал за документарци во Англија, кој помина таму одлично и поради тоа што знаев дека ќе дојдам во Македонија, знаев дека треба да си завршам домашна работа – и го гледав и „Господ постои: името ѝ е Петрунија“. Ако овие два филма (кои ги добив како претставник на Европската филмска академија за да гласам) се показател за квалитетот на филмовите што ги снимате тука, тогаш треба да сте среќни. Тие се подобри од кој било филм што сум го гледал во мојата земја со популација од 65 милиони жители. Овде ќе ги изземам само филмовите на Кен Лоуч – рече Стив Абот, продуцентот на легендарната комична група „Монти Пајтон“, кој деновиве беше гостин на меѓународниот филмски фестивал „Синедејс“ во Скопје.
Стив Абот (фото: „Синедејс“)
Зарем би било чудно продуцентот на „Монти Пајтон“ да има лоша смисла за хумор? Непосреден, со одлична смисла за хумор, отворен да ви одговори искрено на секое поставено прашање, Абот ни долови дел од магијата на создавањето на „Монти Пајтон“, но и за многу анегдоти од филмскиот свет, воопшто.
Абот е дипломиран математичар на „Кембриџ“, кој сосема случајно влегол во светот на филмот пред 40 години.
- Ме најми компанија што ја поседуваше Џорџ Харисон, се викаше „Hand made film“. Харисон беше голем љубител на „Монти Пајтон“ и сакаше да го направи „Животот на Брајан“. Неговиот бизнис-партнер, кого подоцна успешно го тужеше, ме викна да работам со „Монти Пајтон“.
Абот е роден во Бредфорд, регионот Јоркшир, во сиромашно семејство.
- За да се занимаваш со филм, мора да дојдеш во Лондон. Јас бев многу добар математичар и за среќа добив стипендија да студирам на „Кембриџ“. Во тие години тоа ми изгледаше како да бев платен да се забавувам. Не морав да работам, секој ден спортував, почнав да читам, да одам во театар, кино, да патувам... ништо од ова не правев претходно. Се вљубив во филмот. Мојот цимер на „Кембриџ“ ми предложи да станам сметководител. Аплицирав во топ-4 компании во Лондон и сите ми понудија работа. Работев и за Price and Waterhouse и ми беше извонредно досадно - признава Абот.
Пред и да се квалификувам за продуцент, веќе добивав понуди од студија.
Основата на „Монти Пајтон“ беа добро напишаните сценарија, вели продуцентот.
- Шестемина во „Монти Пајтон“ беа на слична возраст. Сите беа писатели, никој од нив не беше актер. Тери Гилијам беше од Америка, Мајкл Пејлин и Тери Џонс беа заедно на „Оксфорд“, а Џон Клиз, Ерик Ајдл и Грахам Чепмен беа на „Кембриџ“. Пишувањето беше најважната работа. Никој не им се мешаше во нивната работа и тие беа многу среќни што почнаа во 1969 година. Отидоа во Би-би-си, каде што им дадоа програма од половина час. Мојата работа секогаш била да го заштитам интегритетот на напишаното. Тие беа ужасни актери и не знаеја да пишуваат женски улоги - вели Абот.
Тој објаснува дека оваа група е уникатна во светот и по тоа што ги поседува сите права врз сè што создала.
Рок-групи („Лед цепелин“, „Пинк Флојд“, „Џенезис“...) помогнале за да се направи филмот „Житието на Брајан“, оти на филмската индустрија не ѝ се допаѓал „Монти Пајтон“ и Британската академија за филм (БАФТА) на големо го игнорирала.
- Најголем предизвик ми беше да спречам косата да ми побели во моите 30-ти години. Тие беа невозможни. Некогаш беше невозможно да ги менаџирам. Но имаа суперправила. Инсистираа дека по смртта на Грахам Чепман никој не смее да го користи името „Монти Пајтон“ за себе. Исто така, многу беше важно дека без разлика на придонесот, беа договорени да ги делат парите на шест еднакви дела. Затоа и опстанаа. Си веруваа еден на друг и доколку еден ставеше вето на нешто, не го правеа тоа. Никогаш не дозволивме реклами да се прават со нашиот бренд - објаснува тој.
Што го прави добро едно сценарио, Абот вели:
- Од лошо сценарио никогаш нема да се случи добар филм, а и одлично сценарио не значи дека ќе стане добар филм. Ако гледам во сценарио, секогаш си замислувам како би изгледал еден филм додека го читам. Јас сум старомоден и сакам да гледам филмови во темна соба и без мобилни наоколу. Во Холивуд научив дека не е добро да одите кај финансиер со проект што има маани. Холивуд е џунгла и сите работат во филмскиот свет. Пишувајте повеќе верзии на вашите сценарија. Треба да имате критични луѓе околу вас за да ви кажат искрено што мислат за тоа што сте го сработиле, а не да ви ласкаат - вели продуцентот.
Тој откри и на кој принцип работел во Холивуд.
- Мојата практика беше кога имав проект, не им го нудев на сите големи студија одеднаш, туку прво кај неколку и доколку од повеќето места добивав слични коментари, со подобрен проект ќе тропнев на врата во другите студија по некое време. Тоа секогаш даваше резултати.
„Рибата наречена Ванда“ му бил прв игран филм во Холивуд. Вели дека да се биде продуцент, не е едноставна работа иако сите мислат дека тоа е само шетање на црвени теписи и гламур.
- За време на снимање, продуцентот е единствената личност што нема издефинирана улога, сите наоколу имаат. Ако излезе некој проблем, само продуцентот мора да го реши. Некој актер се издрогирал, на пример, вие морате да го ставите во функција, врне дожд, а треба да грее сонце, или има сонце, а ни треба дожд - пак вие мора да го решите проблемот. Продуцентот мора да одлучува веднаш. Имате скап каст и не смеете да зафркнете ништо... Една од најголемите грешки кога луѓето одлучуваат да станат продуценти е тоа што се толку занесени од гламурот, но толку многу луѓе мислат дека се креативни затоа што се дружат со ѕвезди - вели Абот.
Сцена од „Житието на Брајан“
Тој ги советуваше младите филмаџии во публиката да прашуваат луѓе со искуство, да им пишуваат, да ги среќаваат.
- Јас со радост им помагам на помладите кога ќе видам дека навистина ги интересира филмот. Не користам социјални мрежи. Денес има многу содржина, премногу, филмови се гледаат и на телефон и децата гледаат филмови и со запалено светло и мене таа слика ме поразува, изгубена е магијата. Луѓето можат да гледаат филм дури и на пукнат екран или дури гледаат филм пишуваат и порака зашто им е досадно. Мене тоа ме поразува - вели Абот.
Во последните 15 години Абот не снима играни филмови.
- Со Мајкл Пејлин имавме продукциска куќа и направивме ТВ-филмови за патување, кои беа продадени во 90 земји. Треба да сте помлад за да снимате играни филмови, а јас почнав да стареам.