Џон Ентони Берџис Вилсон е роден на 25 февруари 1917 година. Завршил студии по англиски јазик и книжевност, иако првобитна желба му била музиката. Во 1954 година со своето семејство заминал во Малезија да предава англиска книжевност. Таму почнал да се занимава со пишување – во тој период ги напишал своите први три романи, познати како
Малајска трилогија. Тој починал во Британија во 1993 година, а зад себе оставил 33 романи, неколку збирки поезија и кратки раскази, многу студии поврзани со англиската книжевност, музика и лингвистика, како и неколку сценарија. Неговата заинтересираност за јазиците и лингвистиката довела до тоа да создаде два јазика: надсат – англоруски сленг кој го користел во својот роман „Пеколен портокал“ и улам – праисториски јазик кој се користел во филмот „Потрага по оган“ (1981).
„Пеколен портокал“ е неговиот осми роман кој настанал во 1962 година. Дејството е сместено во Британија, во не така далечна иднина. Главен протагонист во романот е Алекс, 15-годишен социопат и деликвент, кој заедно со својата банда ужива во ултранасилни напади. Во бандата се и Џорџи, неговиот амбициозен ординарец, Дим – кој е приглуп, но физички многу силен, и Пит, кој е пасивен следбеник. Четворицата времето го поминуваат во барот „Корова Милк“, каде што постојано консумираат млеко збогатено со наркотици. Во нивните ноќни походи напаѓаат еден човек кој се враќа од библиотека, се тепаат со соперничките банди, се развозуваат со украдени автомобили и на крај доаѓаат до една куќа каде што малтретираат една млада брачна двојка. Откако брутално ќе го претепаат сопругот, Алекс и неговите следбеници ќе ја силуваат неговата сопруга. Интересно е што сопругот е писател кој пишува роман „Пеколен портокал“, за што Алекс изјавува дека е gloopy – наслов. Инспирација за оваа сцена Берџис ја добил од реалниот живот – неговата прва сопруга го изгубила бебето откако била нападната и силувана од група американски војници што биле стационирани во Англија за време на Втората светска војна.
По нападот, бандата се враќа во барот „Корова“, каде што почнуваат кавга, што упатува дека групата воопшто не е компактна. Алекс, кој е љубител на класична музика, особено на Лудвиг ван Бетовен, го напаѓа Дим, кој ѝ се потсмева на една девојка што пее опера. За да ја задржи водечката позиција во групата, Алекс прифаќа да нападнат и да ограбат една повозрасна богаташка. Во текот на грабежот, Алекс ја усмртува старицата, а остатокот од бандата се свртува против него и го остава на цедило. Полицијата го апси и го обвинува за убиство.
Во затворот на Алекс му нудат нов, експериментален третман кој треба да го промени неговото однесување, во замена за намалување на казната. Овој третман, наречен Лудовико техника, се темели врз идејата на психологот Скинер дека човечкото однесување може да биде условено – доброто однесување ќе доведува до задоволства, а лошото – до болка и казна. Алекс се согласува да биде дел од експериментот, па во текот на третманот му даваат да гледа екстремно насилни сцени, при што добива лекови кои му предизвикуваат мачнина и кои му предизвикуваат физичка болка, со цел да го доведат до ситуација да се чувствува лошо од самата помисла на насилство. По завршувањето на третманот, Алекс е изведен пред претставници на власта, при што тој е брутално понижен пред луѓето кои го предизвикувале на насилство, но доживува и гадење при чувството на привлечност предизвикано од атрактивна девојка што била доведена пред него. По успешната демонстрација, Алекс е прогласен за излекуван и ослободен од затвор.
Единствената личност што не е задоволна од ваквата промена кај него е затворскиот свештеник, затоа што смета дека со овој третман Алекс бил лишен од сопствената слободна волја. Тој истакнал: „Да се биде добар е работа на избор. Кога човек не може да избира, тој престанува да биде човек“.
Алекс се обидува да се врати дома, но сфаќа дека неговите родители веќе ја изнајмиле неговата соба. Принуден да живее на улица, таму се среќава со лицата што ги малтретирал пред да замине во затвор – но сега неговата животна улога е сменета – од насилник, тој станува жртва. Кога ќе го нападне човекот што излегувал од библиотека, во помош му доаѓаат двајца полицајци, од кои едниот е Дим, а другиот водачот на соперничката банда. Тие го носат Алекс на периферијата од градот, каде што брутално го претепуваат. Алекс некако успева да им избега, засолнувајќи се во куќата на писателот, кој го малтретирале на почетокот од романот. Тој сега живее сам затоа што неговата сопруга починала од последиците на силувањето. Кога го препознава својот некогашен мачител во Алекс, го заклучува и го доведува до лудило пуштајќи му гласна класична музика која во мозокот на Алекс е тесно поврзана со насилство. Алекс се обидува да изврши самоубиство, скокајќи од прозорец. Во болницата, властите му предлагаат да им се приклучи ним, а за возврат му нудат поништување на ефектите од Лудовико-третманот. Но, Алекс сонува за насилство, велејќи дека е излекуван.
Во последното поглавје Алекс има нова банда и се подготвува за нови насилнички походи во кои тој е иницијатор и набљудувач, а не учесник. Тогаш го сретнува Пит, кој веќе се оженил и се променил. По оваа средба, Алекс сфаќа дека веќе не наоѓа задоволство во насилството и почнува да размислува да оформи семејство и да има деца – значи да создаде наместо да уништува. Иако веднаш потоа заклучува дека најверојатно децата би биле деструктивни како него, а можеби и полоши.
Берџис го поделил овој роман на три дела, а секој дел на седум поглавја. Причината за тоа била неговата желба романот да има 21 поглавје. Бројот е симболичен, затоа што ги претставува годините кога се достигнува зрелоста, а во самиот роман Берџис се обидува да докаже дека Алекс во последните поглавја сепак созреал.
До 1986 година, во американските изданија на овој роман било исфрлено последното, 21 поглавје. Берџис ова го објаснил со тоа дека публиката во Америка сметала дека промената во однесувањето на Алекс, опишана во 21 поглавје, е нелогична и неодржлива, така што го наговориле да ја исфрли од конечната верзија за издавање. Значи, американската верзија завршува така што Алекс се враќа на своето себство.
Стенли Кјубрик, кој ја снимил филмската верзија на овој роман, тврдел дека не стигнал до оригиналната верзија на романот (21 поглавје) сè додека не го завршил сценариото за филмот, но и дека самиот сметал дека последното поглавје изгледа неуверливо и нестварно.
Наводно Берџис го напишал овој роман за три недели, по подолг престој во странство. Истиот, во периодот од 1973 до 1982 година во повеќе наврати бил забрануван во различни училишта, а исто така бил отстранет и од неколку библиотеки поради „проблематичниот текст“. Се разбира, сето тоа се случувало по филмската верзија на Кјубрик, која исто така е контроверзна.
Неколку месеци пред смртта, Берџис напишал напис за „Обсервер“, поттикнат од убиството на двегодишно дете од страна на двајца десетгодишници; таму се осврнал на обвиненијата дека неговиот роман, заедно со екранизацијата, придонел за ширење на насилството меѓу младата популација. Тој се обидел да го одбрани романот со фактот дека тој самиот не можел да научи никого да биде насилен, бидејќи тоа се наоѓа во човечката природа.
И покрај сите обвиненија, „Пеколниот портокал“ и натаму е фантастично јазично обликуван уметнички роман кој говори против насилството, но и против ограничувањата на човечките права и слободи и се обидува да понуди еден од можните одговори на вечното прашање – дали човекот и натаму останува човек ако му се одземе слободната волја.
Пишува:
Кристијан Векоњ