Враќањето после распустот во училишните клупи не беше ни малку лесно за мојот син. Единствено што од него се бара е да седи мирно и да слуша. Нешто што е најтешко за децата. Седете мирно. Бидете тивки. Не правете ни помалку ни повеќе од она што се очекува од вас. Сето тоа за него беше како затвор, и затоа неговото однесување стана затвореничко. Наставничката веднаш ми испрати порака да одам на училиште за да разговараме. Мојот син стана немирен, не сакаше да соработува, и постојано се расправаше.
Мојата претпоставка беше дека ќе му биде потребно некое време повторно да се навикне на затворскиот режим.
Недостатокот на движење и крутите ограничувања на модерното образование ја убиваат ведрината на детето и нивната живост, особено кај момчињата.
Дали на некој ова му звучи драматично? Можеби. Впрочем, повеќето од нас го поминуваат училиштето и некако преживуваме повеќе или помалку (не)променети. Но ако стварно подлабоко размислите за тоа, можеби се сеќавате што се` сте мразеле во врска со училиштето. Можеби се сеќавате дека ви требале години после училиштето за повторно да си ја вратите душата и страста и храброста да ги следите.
Сите деца додека се обидуваат да се вклопат во средината која од нив бара да ги потиснат најдобрите и најоригиналните делови од себе, па и загушливата средина на училиштето, се среќаваат со стрес.
Сето она што сакаше да го прави во текот на учебната година, а не можеше, го правеше во текот на зимскиот распуст. Уживаше во снегот, се санкаше, трчаше, играше, сакаше воздух и физичка активност.
Ова утро, како и секогаш, мојот син стана пред сите бидејќи сака да игра игри пред да оди на училиште, но исто така и го исчисти снегот пред куќата, го намести каминот и донесе дрва. Потребна му е физичка активност и не му е тешко да стане порано за да ги задоволи тие потреби.
Децата не се променија многу во последните 150 години; нашето општество се промени. На мојот син и понатаму му е потребно движење многу повеќе отколку што го нуди денешниот образовен систем. Неговиот сон не е да ги поминува деновите заглавен со 20 други затвореници во училница. Дури и не ги пуштаат надвор кога времето е постудено и повлажно. Тогаш од нив се очекува на одморите да седат мирно во библиотеката или во ходникот (и притоа не смеат да трчаат).
Пред 150 години мојот син би бил идеално дете. Вредно, активно, послушно. Денес, тој воглавно не е, го сметаат за немирен и недоволно вреден бидејќи го гледаат неговиот успех на училиште. Во однос на очекувањата на модерниот образовен систем, мојот син е скоро и проблематичен.
Разбирам дека меѓу огромните промени што се случија преовладува благосостојбата, еднаквоста на расите, половите и народите, водоводот, антибиотиците и кој знае уште какви други технологии.
Но во исто време мислам дека нашиот сегаше пристап на образованието е груб и напнат, и дека не ги почитува потребите на децата, особено потребите на момчињата.
Момчињата денес не се фундаментално различни од оние пред 150 години. Сепак, денес се ограничени и од нив се очекува да останат во училниците во цутот на нивното детство кога бараат физичка активност, забава и авантури. Покрај сите обврски, нашите деца мораат да се борат и со самите себеси и своите потреби, што директно значи - против својата природа.
Единственото нешто за кое мислам, не се оценките на мојот син и неговиот успех. Мислам само на тоа да не дозволам образовниот систем, онаков каков што е, да му го скрши срцето и да му го убие духот на моето ведро дете. Не ми останува ништо друго освен да му ги избришам солзите, да одам кај наставничката на разговор и да го пуштам „на слобода“ кога имаме можност да помине некое време надвор.
Автор: Џенифер Финк