Потонатите градови се обично дел од легенди, но сега археолозите пронашле вистински потонат град во езерото Ван во Турција. По една деценија помината во пребарување на второто најголемо езеро на Средниот Исток бил пронајден замок на стотици метри под површината.
фотоизвор: (National Geographic/YouTube)
Се работи за замок стар 3.000 години, кој е речиси целосно зачуван. Замокот се простира на околу 1 километар површина, со ѕидови високи од 3 до 4 метри. Истражувачите веруваат дека се работи за објект на изгубената цивилизација Урарту, исто така наречена Царството на Ван кое функционирало во периодот од 9 до 6 век пр.н.е.
Нивото на водата во езерото драстично се променило во текот на годините, па истражувачите веруваат дека нивото било многу пониско во времето на владеењето на ова царство. Другите делови од античката населба се многу повисоки и сите се над нивото на морето.
Минатата година тимот исто така открил поле со сталагмити од 4 квадратни километри површина, исто така под езерото, па може да се каже дека изминатиот период е навистина интересен што се однесува на археолошките откритија.
Археолозите уште не утврдиле колку длабоко се поставени ѕидовите од замокот, па работат на утврдување на
структурата. Се надеваат дека со наредните истражувања ќе пронајдат повеќе податоци и за луѓето што живееле тука.