Сместено на границата помеѓу Перу и Боливија, на надморска височона од 3.810 метри, ова е место кое ги руши сите рекорди, привлекува внимание со својата уникатност и ги чува изненадувањата во својата сина длабочина.
Според најчестата дефиниција, езерото Титикака е највисокото езеро во светот на кое е можна комерцијална пловидба. Но, езерото е многу повеќе од тоа. За почеток, езерото има импресивни статистики: широко е 65 километри, долго 194 километри, а просечната длабочина е 107 метри. Се смета дека најдлабоката точка е на 280 метри, но некои извори тврдат дека е 305 метри. Во езерото се влеваат 25 реки, и е „дом“ на вкупно 41 остров. По волумен, Титикака е најголемото езеро во Јужна Америка: 898 кубни километри.
Митолошко родно место на Инките
Самото име на овој езерски рекордер понекогаш се преведува како „камена пума“, наводно затоа што неговата форма наликува на пума која лови зајак. Но, има и други поромантични имиња. На пример, се смета дека езерото е родното место на Инките или родното место на Сонцето. Имено, според митологијата на Инките, токму на тоа езеро на Андите се родил првиот крал на Инките наречен Манко Капак. Според таа легенда, боговите за него направиле жена и од нив произлегло племе кое на крајот прераснало во моќната империја на Инките. Главниот лик на другата легенда за езерото е богот Виракоча. Овој мит на Инките вели дека тој излегол од езерото и ги создал Сонцето и Месечината од тамошните острови, а потоа луѓето и сите други суштества.
Инките, чии остатоци се видливи на бреговите и островите на Титикака, не биле единствените жители на областа. Уште пред нив, други народи, како народите Пукара, Кола и Тиванаку, биле поврзани со езерото. На пример, во 2000 година, археолозите пронашле комплекс на дното на езерото, за кој се верува дека е стар помеѓу 1.000 и 1.500 години. Се вели дека е дело на членовите на народот Тиванаку. Станува збор за урнатини долги 200 метри и широки 50 метри, кои опфаќаат село, ѕидови долги 800 метри, патишта и тераси за одгледување земјоделски култури.
Островите на големото езеро од 8.370 квадратни километри кријат и многу интересни приказни. Најголемиот меѓу нив се нарекува Исла дел Сол, или „Островот на сонцето“. Се наоѓа на боливиската страна на езерото (Боливија, имено, „држи“ 44 отсто, а Перу 56 отсто од езерото), а Инките го сметале за дом на богот на сонцето Инти.
За нивното присуство на тој остров и денес сведочат бројни урнатини од нивните згради. Еден од позначајните се наоѓа на северниот дел, во градот Чалапампа. Тоа е лавиринтот Чинкана, за кој се верува дека служел како центар за обука на свештениците на Инките. Во близина на лавиринтот има и карпа издлабена во форма на пума, за која се верува дека се користела за ритуали и жртви. Покрај Островот на Сонцето, боливиската страна може да се пофали и со Островот на Месечината, на кој има урнатини на манастир во кој живееле свештеници.
Во однос на островите, и перуанската страна има адут во ракавот. Дефинитивно се издвојува островот Такиле, чии жители се познати по својата извонредна вештина во правењето текстилни производи. Тие почнале да ткаат и плетат уште од мали нозе, а нивната вештина е вклучена во листата на нематеријално наследство на УНЕСКО. Токму овој остров, како и островот Амантани, се користел како затвор за време на шпанското владеење во 16 век, поради неговата непристапност. На перуанската страна, на туристичката мапа се наоѓаат и многу познатите вештачки острови на народот Уру, направени од еден вид џиновска трска. Од овој материјал Уру, од кои според некои податоци има околу 1.000 и живеат на околу 40 острови, ги прават своите импозантни и необични бродови.
Езерото Титикака никогаш не замрзнува
Интересно е што и покрај големата надморска височина, климата на Титикака е пријатна. Езерото, иако се наоѓа на Андите, никогаш не замрзнува, а големото водено тело има своја микроклима, која е потопла и повлажна од очекуваното. Овие околности му овозможуваат на локалното население да одгледува земјоделски култури како што се компири и киноа и да се занимава со сточарство, првенствено одгледување алпаки, лами, овци и крави.
Но, езерото денес се соочува со голем број закани. Перуанската страна го заштити езерото со закон во 1978 година и со него се управува како природен резерват, а во 1997 година беше прогласено за област заштитена со Рамсарската конвенција посветена на заштита на мочуриштата. Но, покрај ова, предизвиците за 530-те животински видови таму, од кои 90 отсто се ендемични, се огромни.
Во езерото Титикака се влеваат дури 25 реки, а освен нив, езерото го исполнуваат глечери и врнежи. Од друга страна, само реката Десагуадеро зема вода од него, иако таа е одговорна за само пет отсто од загубата на вода. Целата преостаната вода на езерото Титикака се губи со испарување, што благодарение на глобалното затоплување станува сè поголем проблем. Во исто време, сезоната на дождови е сè пократка. На пример, во 2009 година беше утврдено дека нивото на водата во езерото се намалило за 81 сантиметар. Тамошниот екосистем е загрозен и од зголемените нивоа на загадување поради растот на градовите на брегот на езерото и воведувањето на нови, неавтохтони животински видови.