X
 25.11.2017 Живот

Што се случува во Египет?

египет
Фото: ЕРА

Милитантите извршиле бомбашки напад и отвориле оган врз џамија во провинцијата Синај во Египет, при што загинаа 235 лица.

Ал-Равада џамијата во градот Бир ал-Абед била мета за време на петочните молитви. Ова претставува најсмртоносниот напад од ваков вид, откако во 2013 година бил засилен исламистичкиот бунт.

Египетскиот претседател Абдул Фата ал-Сиси вети дека ќе одговори со брутална сила по разговорите со безбедносните претставници.

Ниту една група сè уште нема преземено одговорност за нападот, но милитантите поврзани со Исламска држава се одговорни за голем број смртоносни напади во покраината. Тие обично напаѓаат безбедносни сили и христијански цркви, но крвавиот напад на џамија поврзана со муслиманските Суфи го шокира Египет.

Што се случи?

Сведоци изјавија дека десетици вооружени лица пристигнале во теренски возила и ја бомбардирале полната џамија пред да започнат да пукаат во луѓето додека се обидувале да избегат. Најмалку 100 лица биле повредени.

„Пукаа во луѓето како што бегаа од џамијата. Пукаа и во амбулантните возила“, изјави локален жител.

napad
Фото: BBC

Која била целта?

Локалните жители велат дека следбениците на суфизмот, мистична гранка на сунитскиот ислам, редовно се собирале во џамијата. Иако суфиите се широко прифатени во голем дел од муслиманскиот свет, некои џихадистички групи, вклучувајќи ја и ИД, ги сметаат за еретици.

Шефот на религиозната полиција на ИД во Синај, во декември минатата година изјави дека суфиите кои не се покајале ќе бидат убиени, откако групата обезглавила двајца постари мажи кои се изјасниле дека се суфиски свештеници.

Што е суфизам?

Суфизмот е мистички аспект на исламот. Се смета дека суфијата е човек што чека искуство испратено директно од Алах. Оваа вера најчесто се среќава во Иран и Турција. Немуслиманите често грешат и сметаат дека суфизмот е секта на исламот. Суфитските наредби можат да се најдат во сунитските, шиитските и другите исламски групи.

Суфиите се убедени дека исламското знаење треба да се научи од наставниците, а не исклучиво од книгите. Тариките можат да ги проследат своите наставници низ генерациите до самиот Пророк. Моделирајќи се себеси како нивните наставници, учениците се надеваат дека и тие ќе научат нешто од Пророчкиот карактер.

Иако суфиите се релативно малку, тие ја обликуваат исламската мисла и историја. Низ вековите, суфиите придонеле многу за исламската литература. Тие биле влијателни во ширењето на исламот, особено во најоддалечените страни на муслиманскиот свет во Африка, Индија и Далечниот Исток.

Кој би можел да е позади нападот?

Милитантните исламисти во последниве години водеа бунт на полуостровот Синај, засилувајќи ги нападите откако египетската армија го собори исламистичкиот претседател Мохамед Морси после масовните антивладини протести во јули 2013 година.

Оттогаш, стотици полицајци, војници и цивили се убиени, претежно во напади организирани од синаиската провинциска група, поврзана со ИД. Во септември, најмалку 18 полицајци биле убиени кога групата нападнала конвој во близина на Ал-Ариш.

Синајската провинција исто така извршила смртоносни напади врз египетското коптско христијанско малцинство на други места во земјата. Групата изјави дека бомбардирала руски авион со туристи на Синај во 2015 година, при што загинале 224 лица. Се смета дека Синајската покраина сака да ја преземе контролата на Синајскиот Полуостров, со цел да ја претвори во исламистичка провинција под раководство на ИД.

Напад без преседан

Исламистичките милитанти веќе неколку години работат на северен Синај, и се главно насочени кон безбедносните сили. Меѓутоа ова е првпат нападите да бидат насочени кон верници во џамија.

Реакции од целиот свет

Претседателот Сиси објави тридневна жалост. Војската изјави дека извршила неколку воздушни напади во планините околу Бир ал-Абед.

„Она што се случува е обид да нè запрат во борбата против тероризмот“, изјави претседателот Сиси.

И шефот на Арапската лига, Ахмед Абул Гејт, го осуди нападот.

Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј изјави дека Британија е згрозена од нападот на џамијата, и изрази сочувство до сите оние погодени од овој кукавички чин.

Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече нападот ужасен и кукавички, а францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан го осуди нападот нарекувајќи го одвратен, додека градоначалничката на Париз, Ана Хидалго изјави дека светлата на Ајфеловата кула ќе бидат исклучени во чест на жртвите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот