Секој вторник во изминатите три месеци беше термин резервиран за колумните на Лилјана Пецова-Илиеска. Јасни ставови преточени во текстови со многу игра на зборови ни понуди Пецова-Илиеска, која е магистер по филолошки науки. Таа пишува поезија, рецензии и колумни.
Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.
Што Ви беше најголем предизвик во пишувањето во изминатите 12 недели?
- Најголем предизвик во пишувањето беше изборот на темите и дилемата: колку од она што сакам да го кажам ќе е интересно за читателите? Од друга страна, пак, предизвикот беше голем кога требаше да се спротивставам да пишувам за она што е актуелно, ами да пишувам за она што јас сакам да го пишувам или сметам дека е важно за да се даде осврт на темата. Да се биде колумнист ич не е лесно, од аспект што некогаш знаеш што сакаш да кажеш, ама важно е КАКО ќе го кажеш, оти не секојпат и сите читаат исто. Секој чита согласно своите усвоени (пред)знаења и искуства, но најважен од сѐ ми беше пристапот - да се почитува читателот, општиот читател или оние теми и дилеми што се однесуваат на сите нас.
Имавте ли проблем со инспирацијата? Размислувавте ли во некој момент да се откажете?
- Во ниту еден момент не помислив на откажување од пишување колумни. Сметам дека орото треба да го доиграш докрај, ако си се нафатил да играш. Поентата не секогаш е да победиш, туку да се предизвикаш себеси и да истраеш. Континуитетот во добрата мисла, изборот на темите и аспектот на гледање на нештата беа основната нишка на мотивација. Сѐ друго е само добра физичка подготвеност да се издржи „додека некој свири“.
Водејќи се од ова искуство, што би им препорачале на оние што не се јавно промовирани, а сакаат да пишуваат?
- Препорака? Оние што сакаат да пишуваат треба да пишуваат почесто или секогаш кога можат, бидејќи е вежба, исто како и спортот. Во моментот кога ќе почувствуваат дека имаат кондиција, тогаш ќе знаат дека ги надминале стравот и недовербата во своето пишување. Потоа е лесно. И зборовите и темите сами ќе надоаѓаат в глава.
„И не е важно ШТО ќе се каже, туку КАКО ќе се каже“ - Аристотел.
Најчитани колумни:
1. А бре Македонче, каде брзаш
2. Зошто си ме мајко родила
3. Царот е гол
Сите колумни можете да ги прочитате
ТУКА