За да направиме компарација помеѓу процесот на вреднување во образовните системи ширум светот и образовниот систем кај нас, ќе претставиме два модела на ваков начин на проверка на знаењата на учениците во САД и Р. Финска. САД во делот на екстерните тестови имаат најдолго искуство, додека учениците во Р. Финска веќе десетина години постигнуваат најдобри резултати во меѓународните проекти на екстерно тестирање.
Врз организацијата на воспитно – образовната работа и процесот на вреднување во училиштата во САД, влијание имаа повеќе теории на педагогијата. Прагматистичката теорија на Џон Дјуи (последната деценија на 19. Век),одигра силно влијание врз организацијата на воспитно – образовната дејност. Тој во својата теорија тргнува од потребите и интересите на детето и тие се неприкосновени и главни двигатели на процесот на воспитание и образование.
„Училиштето не е подготовка за живот, туку самиот живот…на прво место училиштето мора да е животна заедница во вистинска смисла на зборот“… (Џ.Дјуи)
Со објавување на делото „Недејственост на механичкото учење на ортографија“, Џ. Рајс, го означува почетокот на современата концепција на вреднување во САД. Тој прв ги поставува како мерни инструменти тестовите на знаење, кои подоцна, ќе станат дел од системот на вреднување во училиштата ширум светот. Првата фаза од овој период на осмислување мерни инструменти ќе го обележи Бинеовата скала на интелигенција, која ќе биде предмет на дискусии и анализа на педагозите и практичарите во првите децении од дваесетиот век.
Втората развојна фаза на вреднување на постигањата на учениците е карактеристична по изработка на стандардизирани тестови на знаење, изработка на скала на проценка на одредени продукти на постигањата на учениците. Позната е склата на Роберт Торндајк, 1910год.
Триесетите години од минатиот век, се јавува Боршахов тест, со кој до одреден степен се мерат интересирањата, ставовите, социјализацијата на учениците, со што се прави обид да се вреднува и „другата страна“ на личноста на ученикот. Во децениите потоа, овие инструменти и тестови на знаење се продлабочуваат и надградуваат, а нивната примена станува поширока. Сите овие напори се јавуваат како реакција на првите тестови на знаења, кои донекаде ги отсликуваат знаењата и вештините на учениците, но воопшто не го прикажуваат делот кој се однесува на ставовите, интересот и останатите вредности на личноста на ученикот.
Децении наназад, се вреднува воспитно –образовниот систем во САД, но и покрај сите напори, акцентот се става на мерењето знаења на учениците, а се запоставува воспитната компонента. Кон средината на минатиот век (1956г.) Бенџамин Блум ја поставува својата таксономија која се однесува на системот на вреднување распореден според тежински нивоа на знаење. Всушност, според оваа скала на проценка на постигањата, можат паралелно да се согледа квантитетот и квалитетот на постигањата на учениците. Според оваа скала на проценка, нивоата се движат од полесно кон потешко, почнувајќи со првото ниво: сознание, па продолжувајќи кон разбирање, анализа, синтеза и вреднување. Блумовата таксономија и денес останува актуелна и прифатлива, токму заради својата сеопфатност. Последниве децении сè поизразени се напорите процесот на самовреднување да стане основа за унапредување на воспитно – образовниот процес.
Во материјалите на УНЕСКО од 1977г. Се истакнува дека самоуправување во образованието е можно само кога постои самовреднување.
Гледано пошироко, системот на вреднување на САД, нуди мноштво техники и инструменти со кои сеопфатно се следат и вреднуваат постигањата на учениците, но истовремено ја поттикнува слободата на ученикот и поволно влијае врз развојот на неговата личност.
Од современиот образовен систем на Финска, би можеле да издвоиме неколку сегменти кои се чинат интересни за анализа.
Целиот текст може да го прочитата на
официјалната страна на Наставничкиот пленум