Младиот австриски канцелар Себастијан Курц ја потврди својата репутација како конзервативец кој не се воздржува да застане цврсто наспроти исламскиот екстремизам и недостатокот од интеграција на муслиманската заедница во Австрија, без разлика на тоа што со тоа ризикува да биде обвинет за исламофобија и дискриминација на малцинствата.
Ваквите обвинувања добиваат уште поголема тежина во контекст на фактот дека Курц неговата коалициска влада ја формираше со екстремно десничарската, изразено антиимигрантската и антиисламска Слободарска партија (ФПО) чиј лидер Хајнц Кристијан Штрахе му стана заменик од на Курц. Штрахе истакна дека ова потиснувањето „на сомнителните финансиски текови е само почеток на борбата против политичкиот ислам“.
Курц најави затворање на седум џамии и протерување до 60 имами кои проповедаат фундаменталистичка верзија на исламот или се финансирани од надвор.
-Австрија е земја на различности, каде што верската слобода е многу ценета, но исто така е јасно дека ние сме правна држава во која статутарните правила се потребни за да се организира нашата коегзистенција. Во нашата земја нема место за паралелна држава, за политички ислам и радикални трендови - рече Курц.
Една од џамиите што ќе бидат затворени ѝ припаѓа на турската заедница, бидејќи е водена и финансирана од страна на Турско-исламското културно здружение (АТИБ), кое е поврзано со екстремно-националистичката организација „Сиви волци“.
АТИБ, исто така, финансирана 60 имами и покрај австрискиот закон со кој се забранува странско финансирање на верските заедници. АТИБ ја заобиколува забраната. Сметајќи ги и членовите на нивните семејства, вкупниот број на протерани може да изнесува 150 лица.
Останатите шест џамии кои ќе се се затворат припаѓаат на Арапската религиска заедница и на салафистичката струја на исламот, која инсистира на стриктна и буквална интерпретација на исламот, што често е во спротивност со вредностите на модерното и отворено општество како што е австриското.
Се разбира, не требаше долго да се чека на реакција од Турција.
-Одлуката на Австрија да затвори седум џамии и да ги протера имамите е одраз на исламофобниот, расистички и дискриминаторски бран во оваа земја. Тоа е обид за напад над одредени муслимански заедници за да се добијат евтини политички поени - истакна портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Ибрахим Калин.
Ердоган и други турски претставници веќе искажаа слични обвинувања за земји од ЕУ кога не сакаа да дозволат нивните предизборни митинзи во земји со значителна турска дијаспора, пред се Германија, Холандија и Австрија. Ердоган тогаш ја спореди германската политика со нацистичка - иако пред неколку години, во кампањата за референдумот за уставните измени, крена прашина со изјавата дека тој сака да воведе претседателски систем како оној на Германија на Хитлер.
Огромното мнозинство на австриската муслиманско население, кое има 700.000 луѓе, или осум отсто од австриското население, е од турско потекло.
На австриската одлука доста остро реагираше и вицепремиерот на Турција, Бекир Боздаг, нарекувајќи ја „конкретен пример за отфрлање на европските вредности“ и „кршење на Европската конвенција за човекови права“.
Од друга страна, потегот на Австрија наиде и на одобрување од некои десничари во Европа и Америка.
-Конечно земја која сфаќа. Австрија ќе затвори џамии и ќе протера имами. Канцеларот Курц: 'Паралелните општества и радикализирачкитетенденции на политичкиот ислам немаат место во нашата земја. Не треба да имаат ни во Америка - напиша американскиот радио-водител Брајан Фишер.
Ова е само последната од низа мерки со кои Авсстрија, но и другите европски земји се обидуваат да го потиснат исламскиот екстремизам, поради што често се обвинети за популизам, исламофобија и
дискриминација.