X
 14.06.2022 Живот

Германија и Австрија напишаа детални упатства за граѓаните што да прават во случај на катастрофа

Властите во Германија деновиве ги потсетија граѓаните што треба да направат за да бидат подготвени за вонредни ситуации како природни катастрофи, па дури и нуклеарен напад.

Федералната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи (ББК) има голем број инструкции за германските граѓани како да се однесуваат во итни случаи, но и како да се подготват за нив.

Природните катастрофи се сѐ почести


- Обилните дождови во јули 2021 година предизвикаа разорни поројни поплави во неколку региони на Германија, пандемијата предизвика меѓународни ефекти, ураганот Фридерике во 2018 година ги оштети далноводите и остави 140.000 луѓе без електрична енергија - овие настани се само неколку примери за итни случаи што се случија во Германија во последните години - се наведува на официјалната веб-страница на ББК.

- Системот за државна помош интервенира во такви ситуации и нуди поддршка. Но, дури и најдобрата помош не е секогаш веднаш присутна. Во случај на голема штета, спасувачките служби не можат да бидат насекаде во исто време. Оние што се подготвени можат да си помогнат себеси, на роднините и на соседите додека државата не помогне и не ги намали штетите со заштитни мерки. Помогнете во решавање вонредни ситуации и преземете мерки на претпазливост - апелира ББК до германските граѓани.

Притоа, канцеларијата за цивилна заштита им нуди детални, конкретни и значајни предлози и препораки за планирање лична подготвеност за итни случаи. На нивната веб-страница има и одговори на прашањата „Како да најдете безбедни засолништа?“, „Како да разговарате со децата за војната“ и „Дали има смисла да се земаат таблети со јод?“

Сѐ е јасно и конкретизирано.

- Планирајте заедно. Седнете со семејството и размислете за следното: Колку јас и моето семејство сме изложени на ризик? Дали местото на живеење се наоѓа во област во опасност од поплави? Разговарајте за патиштата за бегство, местата за состаноци и како може да се дојде до вас. Можеби нема сите членови од семејството да се дома во случај на катастрофа - пишуваат од ББК.

ББК нуди и две брошури за граѓаните: 1. Совети за итни случаи и правилно справување со итни случаи од 68 страници и 2. Моја листа за итни случаи. Втората брошура им помага на граѓаните конкретно да ги имплементираат советите од првата.

- Катастрофите се дел од животот. Речиси секој ден во различни медиуми можеме да прочитаме за катастрофи и големи штети и да видиме слики од уништување и страдање. Не постојат само големи катастрофи кои влијаат врз цели региони. Локалниот силен дожд, силната бура проследена со прекин на електрична енергија или пожар во домот може да предизвикаат лична катастрофа за секој поединец и секое семејство. Одвојте време да размислите за лично планирање за итни случаи. Оваа брошура е наменета да ви помогне да развиете личен план за итни случаи - велат од ББК.

напад

Тие велат дека секој германски граѓанин треба да има храна и други неопходни средства дома за 10 дена, а обврска на секој поединец и семејство е да создаде резерви од ваков вид.

- За почеток, 2 литра вода по човек дневно, значи 20 литри по човек за 10 дена. Секој возрасен треба да пие околу 1,5 литар вода дневно, но добро е и да има повеќе од тоа, за приготвување одредена храна.

Се препорачува да имате 3,5 килограми производи од житарки, како брашно и тестенини, 2,5 килограми овошје и јаткасти плодови, 2,6 килограми млеко и млечни производи, 4 килограми зеленчук итн. Потребно е да имате резерви на лекови и други медицински производи и средства за хигиена. Најважните документи треба да ви се подготвени и заштитени. Пожелно е да имате 500 евра готовина дома, но акцентот сепак се става на намирниците.

Австријците ја нагласуваат важноста на снабдувањето со вода за пиење

И австриското МВР детално ги советува граѓаните како да се однесуваат во случај на катастрофа.

- За да бидете добро подготвени во итни случаи, дома секогаш треба да ги имате следните работи: 1. светилка и резервни батерии, свеќи и запалка; 2. радио на батерии и резервни батерии; 3. важни и пропишани лекови (вклучувајќи таблети калиум јодид во случај на нуклеарна несреќа); 4. материјали за прва помош; 5. важни документи собрани во една папка; 6. производи за лична нега и хигиена - наведуваат од австриското МВР.

- Исто така, треба да имате храна и пијалаци во случај да не можете да го напуштите домот подолго време - советуваат тие.

Австриската цивилна заштита објави брошура од 20 страници во која ги советува граѓаните какви резерви треба да имаат во случај на катастрофа.

- Луѓето можат да преживеат околу еден месец без храна, но најмногу 5 до 7 дена без вода. Водата е најважната работа за човечкиот организам. Човекот треба да консумира 1,5 литар течност дневно со цврста храна, која исто така се состои од течност - пишува во брошурата.

„Се јадат речиси сите домашни инсекти“


Австријците одат и на постапокалиптична варијанта, па нудат и неколку страници посветени на она што може да се јаде и да се најде во природата.

- Дали некогаш сте се запрашале што би јаделе доколку нема храна во супермаркетите или ја нема на резерва? - пишува во брошурата.

Меѓу другото, како одговор на прашањето е понуден: - Над две милијарди луѓе јадат инсекти секој ден, а се јадат речиси сите домашни инсекти и ларви.

Австрија, исто така, им нуди на своите граѓани формулар за да им помогне да планираат итни резерви.

Во секој случај, подобро е да бидете подготвени за итни случаи. Како што велат Германците, катастрофите се дел од животот.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot BBK/SIZ
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот