Предното куќиште на мобилниот телефон се наоѓа меѓу рамката од телефонот и екранот. Многу телефони досега имале „предна маска“ во бела или во црна боја, но се чини дека полека овој дизајн почнува да се отфрла.
Најдобар пример за тоа се „iPhone X“ и „Samsung S8“: нивните предни делови во целост се прекриени со екран. Интересно е дека иако „iPhone X“ е помал од „iPhone 8 Plus“, има поголем екран токму затоа што не постои предно куќиште.
Новинарот Дитер Бон од „
Verge“ го зема за пример моделот
Essential Phone, истакнувајќи дека после него многу му е смешно да користи телефони што имаат предно куќиште. Но без оглед на колкумина им се допаѓа овој напреден момент, технолошките дизајнери и ентузијасти цврсто го бранат ставот дека телефонот мора да има предна маска, односно куќиште. Главниот аргумент им е нивната практичност, како и тоа дека рабовите околу телефонот овозможуваат тој полесно да се држи и да се користи.
„Екранот на ’iPhone X‘ е компактна форма. Екранот лесно се забележува, обезбедува вистинско задоволство и претставува голем напредок во однос на мојот ’iPhone 7‘ без оглед дали гледам натпревар, филм или скролам на ’Инстаграм‘“, вели Стивен Леви, новинар на „
Wired“.
Меѓутоа, Бен Гилберт од „
Business Insider“ не се согласува со овој став.
„Ако нема предно куќиште, не само што полесно ќе кликнам на нешто што не сакам, туку ќе бидам во постојан страв да не ми испадне телефонот од рака. Наместо нормално да го држам телефонот, јас постојано ќе бидам оптоварен.“
Сите се согласуваат дека компаниите сега максимално ќе промовираат телефони без предни куќишта поради напредокот на видеотехнологиите. „Операторите, производителите на телефони и платформите како ’Гугл‘ и ’Епл‘ вложуваат сè повеќе средства во видеосодржините“, е ставот на Гади Амит, основач на
New Deal Design.
„Производителите ќе се тркаат кој побрзо ќе заштеди милиметар тука или таму. На крај, некој ќе пронајде начин како предната камера и звучникот да ги направи невидливи, а нашите телефони ќе се претворат во масивни екрани“, заклучува тој.