За Елизабет Холмс, најмладата милијардерка, се пишуваше неодамна, а медиумите започнаа да ја нарекуваат женскиот Стив Џобс поради вештините што ги поседува. Меѓутоа, работите почнаа да одат надолу - по обвинувањата за измама, вредноста на нејзината компанија „Теранос“ од 9 милијарди долари падна на значително помал износ, па Холмс поднесе оставка и директорското место му го препушти на досегашниот главен советник на компанијата, Дејвид Тејлор.
Од почетокот на 2003 година, кога ја основала фармацевтската компанија „Теранос“, преку врвот во 2014 година кога „Форбс“ ја прогласи за најмлада милијардерка, до падот, сликата на Холмс во јавноста помина трансформација од млада растечка бизнис-надеж до измамничка која ги злоупотребува своите вработени. Од идејата што ја лансирала во ѕвездите, револуционерните идеи за вадење и анализирање крв денес останаа само урнатини.
Пред четири години била на врвот на светот
Во 2014 година Холмс била на врвот на светот. Се чинело дека ништо не може да застане на патот на генијалната млада жена која смислила револуционерна идеја за скратување и подобрување на дијагнозата на болести со примерок од крвта на пациентот.
Интересно е тоа што првата адреса на нејзината компанија била на иста локација како и онаа на Марк Закерберг, основачот на „Фејсбук“. Како и тој, и Холмс својата работа ја започнала доста млада, на 19 години, а до нејзината 30-та веќе влегла во друштвото на најбогатите и најмоќни претприемачи.
Холмс е родена на 3 февруари 1984 година во Вашингтон во добро ситуирано семејство. Нејзината мајка Ноел работела во Конгресот, а нејзиниот татко Кристијан работел за владини агенции како УСАИД. Во текот на нејзиното детство, семејството се преселило од главниот град во Хјустон. Уште на седум години Холмс се обидела да направи временска машина полнејќи го нејзиниот бележник со технички цртежи. На 9 години рекла дека сака да биде милијардерка кога ќе порасне. Истата година наводно во писмо до нејзиниот татко напишала: - Во животот сакам да откријам нешто ново, нешто за кое човештвото не знае дека е возможно.
Од рана возраст била доста конкурентна, а за тоа сведочи и цртежот од игрите со нејзиниот брат и роднината.
Во текот на средното училиште развила извонредна работна етика, често останувајќи будна до доцна поради учењето. Станала една од најдобрите ученички, а уште тогаш почнала да работи - продала софтвер кој преведува компјутерски код. Тогаш почнала и да учи мандарински јазик, а била примена на летната програма на Универзитетот „Стенфорд“.
Сакала да се запише на медицина бидејќи еден од нејзините предци бил хирург, но открила дека се плаши од игли.
На „Стенфорд“ се запишала на студии по хемиски инженеринг. Во прва година станала добитничка на стипендија од 3.000 долари за истражувачки проект. По првата година летото го поминала стажирајќи во Институтот „Геном“ во Сингапур. Стажирањето го добила бидејќи зборувала мандарински.
Основање на „Теранос“
Во втора година му кажала на својот професор Чанинг Робертсон дека сака да ја лансира компанијата. Со негов благослов ја основала „Риал-Тајм Кјурс“, која подоцна била преименувана во „Теранос“. Компанијата била основана во април 2004 година, а веќе во декември добила инвестиција вредна 6 милиони долари. Подоцна Холмс прави патент за уред за носење што ја мери крвта на пациентот. До следниот семестар Холмс го напуштила „Стенфорд“ и почнала да работи во подрумот на студентската куќа.
До крајот на 2010 година добила 92 милиони долари.
Најавила револуционерна технологија
Нејзиниот бизнис-модел се темелел на револуционерна идеја за тестирање на крвта со мала количина од прстот, за разлика од останатите технологии за кои било потребно да се извадат неколку ампули крв од вена. За овој модел рече дека ќе овозможи откривање на низа на болести, меѓу кои и рак и висок холестерол. Таа најавуваше демократизација на здравствената заштита преку поширок пристап во превентивниот третман.
Наскоро почнала да собира пари од познати инвеститори, како „Оракл“, „Лари Елисон“ и Тим Драпер, пријател на нејзиниот татко. Драпер продолжил да ја брани и по обвиненијата за измама. Парите од инвеститорите ги зела под услов да не мора да открие како функционира технологијата на „Теранос“, како и тоа да го има последниот збор при донесувањето одлуки.
Опсесијата со тајноста се проширила на сите аспекти на компанијата до степен до кој таа обвинила три поранешни вработени поради откривање деловни тајни. Била опседната и со безбедноста. Секој што ќе ги посетел просториите на компанијата морал да потпише договор.
Идол ѝ бил Стив Џобс
Склоноста кон таинственоста ја зела од нејзиниот идол, Стив Џобс. И не само тоа, таа станала веганка како и нејзиниот идол, и никогаш не одела на годишен одмор.
Велат дека и нејзиниот длабок глас, нетипичен за жена, бил дел од внимателно дизајнираниот имиџ што го создала за себе за да се вклопи во доминантно машкиот бизнис-свет. Била шефица што барала многу, сакала нејзините вработени да работат исто како што работела таа. Од својата секретарка барала да води сметка за тоа кога вработените влегуваат и излегуваат од работа.
Што се однесува до приватниот живот, и тој бил поврзан со компанијата што ја изградила. Откако го напуштила факултетот, почнала да излегува со Сани Балвание, кој бил 20 години постар од неа. Иако немал искуство во медицината, тој станал втор човек на компанијата. Раскинале во 2016 година, кога Холмс го избркала од компанијата.
Управата во 2008 година одлучила да се смени Холмс од местото на главен директор за да се замени со некој друг поискусен, но по три часа убедување таа ги наговорила да се откажат.
Како што „Теранос“ почнала да собира милиони долари, Холмс станала јавна личност, појавувајќи се во весници, учествувајќи на ТЕД-говори и на други јавни настани.
Во 2011 година го вработила својот брат Кристијан, кој немал никакво искуство во медицината или науката.
Станала најмладата милијардерка во светот
Во еден момент Елизабет станала најмладата милијардерка со околу 4,5 милијарди долари.
Некаде во тоа време технологијата на „Теранос“ станува сомнителна за научниците, а Иан Гибонс, главен научник во компанијата и еден од првите вработени, ја предупредува Холмс дека постојат непотполности во технологијата и дека тестовите не се подготвени за јавноста.
Американската агенција за храна и лекови во август 2015 година почнува со истражување на „Теранос“ и наоѓа неправилности во тестирањата на патентите. Во исто време, официјалните лица од центарот за регулација на лабораториите ја посетиле лабораторијата на „Теранос“ и таму пронашле неточности во тестовите кои биле спроведени кај пациентите. Два месеца подоцна, Џон Карејро од „Вол стрит журнал“ објавува истражување за измамата во користењето на технологијата. Ова го означува почетокот на падот на компанијата.
...тогаш кулата почнала да се распаѓа
- Ова се случува кога се обидуваш да воведеш промени. Прво мислат дека си луд, потоа се борат против тебе, а потоа наеднаш го менуваш светот - изјавила Холмс, бранејќи се од обвиненијата.
Сепак, во јули 2016 година таа била исфрлена од индустријата за лабораториско тестирање. До октомври, „Теранос“ морала да прекине со лабораториските тестирања.
Американската комисија за регулирање и трговија со хартии од вредност во март оваа година ги објави Холмс и Балвани за голема измама. Холмс прифатила да се откаже од финансиската контрола и учеството и донесувањето одлуки, да плати 500.000 долари казна и да врати дел од акциите на „Теранос“. Исто така, не ѝ е дозволено во наредните 10 години да биде директор на компанија на берзата, но дозволено ѝ е да биде извршен директор на приватна компанија. И покрај обвиненијата, Холмс од инвеститорите барала пари да ја спаси компанијата.
Минатиот петок „Теранос“ објави дека
Холмс се повлекува од местото директорка. Истиот ден, министерството за правда објавило дека федералната порота одлучила да ги обвини Холмс и Балвани.