X
 05.04.2023 Живот

Оваа српска компанија воведе работна недела од 4 дена. Еве ги резултатите по 8 месеци

Три слободни дена во неделата е нешто за кое сонува речиси секој работник. Но, за вработените во компанијата „Микроелектроника“ тоа не е сон, туку реалност.

Дел од оваа компанија веќе осум месеци работи четири дена во неделата, а планот е до крајот на следната година на секој вработен, покрај викендот, слободен да му е и петок.

Токму поради специфичното работно време, тимот на веб-страница Нова.рс ја посети оваа компанија со цел да дознае како изгледа сето тоа, какви резултати донесе оваа промена, но и какви се впечатоците на вработените.

„Микроелектроника“ е компанија која се занимава со хардверски и софтверски алатки за работа со микроконтролери, односно чипови кои се наоѓаат во сѐ што нѐ опкружува: од лаптопи до телефони и автомобили.

Во компанијата има 96 вработени, а дел од нив, оние што работат во производство, го живеат сонот на многу работници во Србија - работат четири дена во неделата.

Како што објаснува Небојша Матиќ, директорот на „Микроелектроника“, не е можно целата компанија веднаш да премине на овој режим. Неопходно е да се усогласи работењето на целата компанија и токму поради тоа, еден по еден сектор или сектори тесно поврзани преминуваат во пократка работна недела.

Матиќ вели дека прво е намалено работното време, неколку месеци се работело половина час пократко, па еден час, а потоа два часа во период од пет работни дена.

- Потоа, по неколку месеци успешно работење по шест часа дневно, одлучивме да се обидеме да работиме четири дена по осум часа, без да работиме во петок. По три или четири петоци, кога успеавме, рековме дека ќе го воведеме како официјално работно време. Од тој момент поминаа осум месеци и добро функционираме - вели директорот.

Матиќ вели дека целта на ваквиот начин на работа е вработените во компанијата да се чувствуваат подобро, но и да помогне во создавањето подобро општество, општество на одморени луѓе - вели Матиќ.

Тој додава дека ваквиот режим на работа може да стане стандард, но дека Србија уште е далеку од тоа.

rabotnik
Фото: Freepik

Матиќ додава дека компанијата мора да биде добро организирана, а продуктивноста не смее да се намалува. Напротив, мора да биде уште поголема.

Иако повеќето работници во Србија би сакале да имаат уште еден слободен ден во неделата, кога ќе се спомене овој начин на работа, речиси секогаш се наметнува дилемата: ако работодавецот го намали бројот на работни часови, дали ќе ја намали и платата?

Но, во оваа компанија се случи спротивното. Зголемени се платите на работниците во производство. Како една од причините за зголемување на платата, директорот Матиќ го наведува фактот што досега неговите вработени не трошеле пари - поголемиот дел од времето го поминувале на работа. Сега ситуацијата е различна бидејќи кога некој е слободен во петок, сака да излезе со пријателите или да отпатува на продолжен викенд, а сето тоа чини.

- Платата се зголеми и поради продуктивноста и поголемиот успех на работа. Тие сега за четири дена работа успеваат да го направат она што претходно го правеа за пет - вели Матиќ.

Директорот вели дека работниците се поконцентрирани на работата, работат 20 или 30 отсто повеќе во текот на денот отколку порано и дека токму поради тоа, зголемувањето на платите била добра одлука.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот