X
 20.12.2017 Технологија

По оваа одлука „Фејсбук“ нема да биде ист


Отсјај во окото на „Фејсбук“ лого
(Фото: Getty images)


Независниот Комитет за стандарди во јавната сфера, формиран од страна на британската премиерка Тереза Меј, во понеделникот објави дека одговорноста за илегални или општествено неприфатливи содржини што се објавуваат на социјалните мрежи би требало да ја сносат директорите и раководителите на овие платформи.

Во интервјуто за „Спутник“, Тони Џафа, партнер во компанијата „Фут Ансти“, една од 100. најдобри правни фирми во Британија, изјави дека таквата одлука во иднина би можела да доведе до појава на граѓански или кривични парници против технолошките компании.

„Ако владата ги прифати препораките и го усвои законот, компаниите што се поврзани со социјалните мрежи ќе имаат сличен или ист статус како издавачките куќи во Велика Британија. Тоа значи дека интернет-платформите ќе сносат правна одговорност за објави од своите корисници, или според одредбите на граѓанските законици или според кривичниот законик. Тоа нè носи до главното прашање, затоа што технолошките, односно интернет-компаниите сметаат дека се само платформи, а не издавачки куќи, па поради тоа не можат да сносат одговорност за она што го објавуваат нивните корисници. Други зборуваат дека и интернет-платформите би требало пред законот да се изедначат со издавачките куќи“, истакна Џафа.

Ако се прифати препораката на Комитетот, тогаш технолошките компании ќе сносат одговорност за материјалите што ќе бидат објавени на нивните страници, па ќе мора значително да ја изменат процедурата за контрола на содржините, затоа што во спротивно ќе се соочат со граѓански парници. Исто така, доколку објавениот материјал биде во спротивност на одредбите од кривичниот законик, односно ако содржините бидат неприфатливи, како ширење говор на омраза или повик за насилство, тоа ќе биде причина и за нивно кривично гонење.

Според европското и британското законодавство, социјалните мрежи можат да аргументираат дека тие не сносат финансиска одговорност за илегалните или општествено неприфатливите објави на корисниците. Поентата е во тоа што самите платформи и партнерски компании немаат можност за надзор или уредување на содржините што се објавуваат од корисниците, а тоа особено се однесува на коментарите. Па, сепак, ова може да важи само ако интернет-платформите и социјалните мрежи во рамките на некој разумен временски период не ги отстранат неподобните објави или коментари, откако ќе добијат барање.

„Сепак, сметам дека ова може да биде многу проблематично за интернет-платформите“, објаснува правниот експерт.

И претходно британската премиерка изјавила дека интернет-компаниите и социјалните мрежи имаат обврска да отстранат сè што е поврзано со тероризам во рок од два часа, а во спротивно ризикуваат да бидат казнети. Инаку, оваа одлука е прифатена од страна на другите државници од Г-7.

„Дали ова ќе спречи објавување на навреди, повици за насилство, тероризам и други облици на општествено неприфатливо однесување? Засега можеме само да претпоставуваме. Се сомневам дека интернет-компаниите и социјалните мрежи ќе сакаат да ги почитуваат ваквите правила и на европско и на глобално ниво. Освен тоа, сметам дека вакво нешто тешко дека ќе стане правило во САД, имајќи ги предвид одредбите од нивниот Устав“, заклучува Џафа.

Тој исто така додаде дека сè уште не е јасно дали ова ќе остане само на ниво на препорака или ќе се преточи во закон.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија