X
 24.02.2022 Живот

Тинејџер издржал 6 години без социјални мрежи за парична награда

Повеќето од нас веројатно си замислуваат како би изгледал животот без социјалните мрежи. Но, малкумина се оние што можат да издржат цел ден без да отворат некоја социјална мрежа. Еден тинејџер од САД успеал да не користи социјални мрежи шест години и бил награден.

Во 2016 година Лорна Голдстренд Клефсас го предизвикала својот син Сиверт, кој тогаш имал 12 години, да не користи социјални мрежи до 18. роденден. Таа ветила дека ќе му даде 1.800 долари доколку го стори тоа. Синот го прифатил предизвикот и овој месец ја зел својата награда.

Инспирацијата за предизвикот Лорна ја добила кога на радио слушнала приказна за мајка која на ќерка си ѝ дала 1.600 долари за да не користи социјални мрежи до 16. роденден.



Сиверт открил за Си-ен-ен дека не му било тешко да живее без социјалните мрежи, а во текот на предизвикот не размислувал многу за нив бидејќи не ги користел многу ни претходно. На 12-годишна возраст тој ја имал само апликацијата „Снепчет“, која ја избришал веднаш штом ја пробал. По завршувањето на предизвикот, тој одлучил да почне да ја користи апликацијата „Инстаграм“.

Од друга страна, Лорна изјавила дека ова била една од најдобрите работи на кои потрошила пари. Сиверт е најмал од четирите деца, а неговите три постари сестри користеле социјални мрежи додека растеле. Лорна коментирала дека понекогаш сметала дека нејзините ќерки се премногу окупирани со своите апликации, а тоа влијаело врз нивното расположение и пријателствата.

Извори: Studomat | CNN
Насловна фотографија: CNN/Twitter
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот