X
 23.12.2017 Економија

Азбука на глобализацијата

Веројатно не постои подобар опис на економските промени, како и политичките предизвици, во актуелната фаза на глобализација од графиконот што е познат како „Слоновска крива“. На хоризонталната оска се прикажани позициите во светската дистрибуција на приходи (најсиромашните лево, најбогатите на десниот крај). Вертикалната оска го покажува растот на реалниот приход (во однос на почетната вредност), во последните 25 или 30 години.


На прикажаната поедноставена верзија се истакнуваат 3 точки:

На точката А се припадниците на азиските средни класи, чии приходи значајно се зголемиле. Во некои случаи, како во Кина, приходите се дуплирале, а некои се зголемиле за 4 пати. На точка Б, каде што се наоѓаат луѓе што се побогати од новата азиска средна класа, раст речиси и да немало. Тука се работничката и средната класа на Западот. На точка Ц, меѓу најбогатите луѓе на светот, приходот и богатството се повеќе од дуплирани. Графиконот е објавен во многубројни варијации, со користење различни извори на податоци.

Главната поука што може да се извлече од овој графикон е содржината за добитниците и губитниците во процесот на глобализацијата: добитници се глобално најбогатите и жителите на Азија, а губитници се припадниците на средната класа на Западот.

фотоизвор: Le Monde

Ако замислиме како ќе изгледа графиконот во 2050 година, не е веројатно дека денешниот побогат дел од светот во наредните децении ќе оствари стапка на раст која ја достигнуваат азиските џинови – Кина, Индија, Виетнам, Тајланд, Индонезија. Тоа значи дека азиската средна класа полека ќе се придвижува кон десната страна на графиконот. На глобална скала, западните средни класи ќе почнат да паѓаат, а нивните места ќе ги заземат средните класи од азиските земји. Најбогатите жители од Западот и понатаму ќе бидат во точка Ц, а во сè поголем број ќе им се приклучуваат богатите жители од Кина и од Индија.

Мора да се има на ум дека од 50-тите години до крајот на 20 век западните општества имале привилегирана положба во однос на остатокот од светот. Во многу земји низ Европа со развиени системи на социјална заштита дури и најсиромашните спаѓаат во 20-те проценти од најбогатите жители на светот.

Тоа на западните општества им осигури потрошувачка, па дури и политичка хомогеност. Ако западните средни класи одат надолу, тоа секако ќе се одрази и врз хомогеноста на општеството. Пример, за средните, па и за пониските класи од западните општества е сосема вообичаено за годишен одмор да се упатат во Азија. Но, како што Азија се збогатува, трошоците од таквите патувања ќе станат претерано високи и ќе можат да си ги дозволат само богатите луѓе од Западот. Западните општества ќе почнат да личат на она што денес го гледаме во Јужна Америка, каде што постојат богати со приходи и потрошувачки навики кои ги сместуваат во тој 1 процент на врвот, голема средна класа и значаен број луѓе што според глобалните стандарди се релативно сиромашни.

Тоа доведува до прашањето дали општествата во кои коегзистираат луѓето со нагласено различни нивоа на приходи и потрошувачки навики ќе останат демократски и стабилни? Многумина сметаат дека со ова прашање најмногу треба да се занимаваат политичарите во богатите општества.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија